Мицкоски: Зоран Заев како што ја фалеше Катица Јанева сега ја фали Вилма Рускоска

„Зоран Заев го легитимираше она што одамна го велам, а тоа е дека Рускоска е негов избор, и сега сака една Катица Јанева да ја замени со друга Катица Јанева, овој пат со име Вилма Рускоска. Јасно е дека овој предлог не може да се разбере никако поинаку освен како мајтапење со законите и правната држава. Па не може жената која е персонификација на нестручно работење под политичка палка да се справи со криминалот и да донесе правда, вели лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Република“.

Тој зборува за случајот „Рекет“ и низата нејаснотии кои се отвораат – зошто нема обвинение против специјалната обвинителка Катица Јанева, зошто Заев е нем за Кики и Фрики…

Рускоска е предлогот на Заев за нов јавен обвинител на тој нов оддел. За Вас ова не е прифатливо. Зошто?

Мицкоски: Заев го легитимираше она што одамна го велам, а тоа е дека Рускоска е негов избор, и сега сака една Катица Јанева да ја замени со друга Катица Јанева, овој пат со име Вилма Рускоска. Јасно е дека овој предлог не може да се разбере никако поинаку освен како мајтапење со законите и правната држава. Не може жената која е персонификација на нестручно работење под политичка палка да се справи со криминалот и да донесе правда. По овој терк фали уште Кацарска да стане врховен судија или претседател на Апелација, па Зоран Заев комплетно да го деградира судството за да може слободно да се додаде префиксот СДСМ во имињата на овие институции. Зоран Заев како што ја фалеше Катица Јанева сега ја фали Вилма Рускоска, и да ви кажам тоа треба да не загрижи, зашто првава е дел од афера тешка неколку милиони евра, а вторава, како демек има улога да ја расветли, ама никако да стигне до Јанева, нејзините соработници од врхушката на власт, па дури и првиот човек на власта. Ви се молам, ова се сериозни работи, и сметам дека никако не може вака една одговорна функција да се препушти на такви кадри…

Случајот Рекет открива интересни детали, Рускоска вели дека во дел од снимените разговори е и Катица Јанева, Заев верува во личноста на Јанева.

Мицкоски: Со секој поминат ден ќе се потврдува она што го говорам од почетокот. Сето ова не е возможно без согласност, логистика и поддршка на луѓето од врхушката на власта. Се работи за добро разработена шема која сочинува октопод чија глава е Зоран Заев. Кога веќе се знае ова ајде да ги проследиме нелогичностите со кои власта ја разводнува аферата. Како е возможно Катица Јанева да не биде приведена, доколку имала активен разговор со првобовинетиот во овој случај, кој пак е прв другар и соработник со Зоран Заев и врхушката на власта? Нели тоа е потврда на делото дека рекетот се одвивал со знаење и амин на првиот човек на компромитираното СЈО и врхушката на власт?! Ако тоа е така, зошто Јанева не е во притвор и зошто Заев ја штити? И тука ќе ве потсетам дека од почетокот прашував дали Катица Јанева е учесник во разговорите со осомничените и ја има во доказниот материјал. Власта и обвинителството одбегнуваа одговори, а еве полека се одмотува клопчето. Но, нема да се добие целата слика ако нема полна одговорност кај врхушката на власт. И бидејќи премиерот вели дека само еднаш се сретнал во второосомничениот во случајот Рекет, јас би го запрашал дали е потполно сигурен во ова негово тврдење, или се работи за повеќе средби? Како што ретерираше во повеќе наврати за многу други работи, да не ретерира и за ова…

Но обвинителството негираше дека врз Катица Јанева има посебни истражни мерки?

Мицкоски: Ако е така, зошто сé уште трагаат по нејзиниот втор телефон, и дали сето ова не е договорена фарса? Знае ли некој каде е во моментов Катица Јанева? Или тоа власта ќе го чува како некоја мистерија додека не смислат некој подобар план. Нема да има ништо се додека се чуваат заштитени вистинските закрилници на овој рекет. Се додека Кики ни кажува дека не е Кики, а Фрики молчи, се додека Заев се прави нем за неговите партиски соработници кои така молчејќи го прават и него соочесник и главен покровител на овој срамен криминал, криминалот ќе цвета. Треба да знаат дека нема правда без одговорнст, а одговорноста ќе ја побараме ние кога ќе се избориме за смена на власта…

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.