Мицкоски: Зоран Заев ќе биде последниот мрачен лик кој ја запоседнал премиерската фотелја

Ние сме ВМРО, ние сме Македонија, ние не се осмелуваме да изигруваме господари на судбината на илјадници генерации, ние не се осмелуваме да газиме на коските а нашите паднати херои, ние не плукаме на гробовите на нашите дедовци. Вие го правите тоа. Затоа замолкнете. Извадете го ВМРО од устата. Не заслужувате да го спомнете тоа име и тие свети четири букви, порача во неделата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од големиот протестен марш во Кичево.

-Кој е Христијан Мицкоски да му кажува на народот што треба да прави, да се обидува да го замајува со скапи маркетиншки трикови и странски ПР советници. Кој ми го дал тоа право? Моментот кога одбрав да влезам во политиката, свесно одбрав да бидам слуга на мојот народ и тоа ќе продолжам да бидам. Не може за национално прашање да одлучуваат политички елити. Ова не се партиски надитрувања, иако знам дека на СДСМ позициите во партијата им се се, на нас Македонија ни е се. Нема партиите да одлучат, за национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука сите ние ќе се поклониме и тоа ќе биде тоа. Времето на недопирливи политичари, самозамислени владетели и тоталитаристи во Македонија ќе заврши кога ќе завршиме со оваа влада. Зоран Заев ќе биде последниот мрачен лик кој ја запоседнал премиерската фотелја и тоа ви го ветувам.   На крај, не можам а да не се потсетам на еден цитат, историски врежан во меморијата на сите оние кои Македонија и ВМРО им е при срцето: Ако водам – следете ме, ако се двоумам – поттурнете ме, ако ве предадам – убијте ме, порача Мицкоски.

Тој на присутните им порача дека се на вистинската страна.

-Вие што сте денес овде и оние што не следат, вие сте на вистинската страна. И поради тоа што вистината е во вас, не смеете да се откажете. Јас нема да се откажам, без разлика колку е тешко или мачно. Затоа што сум одлучен нашата генерација да биде таа која ќе им овозможи на сите што доаѓаат по нас мир, стабилност и добросостојба. Имаме визија, имаме прецизен план. Да им ја оставиме Македонија на нив, како што сме посакувале Македонија да ни била оставена на нас – горда, модерна, развиена и суверена држава! За да се случи тоа потребно е Македонија да победи, Македонија како нашиот сон, нашето семејство, нашата иднина и најголема љубов!, рече Мицкоски.