Mицотакис бара од обвинителот од Врховниот суд, случаите поврзани со железничката несреќа да бидат приоритет

Да им се даде приоритет на случаите поврзани со железничката несреќа кај Темпи и доколку е потребно, распоредување на највисоко можно истражно ниво, бара грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во дописот испратен до обвинителот од Врховниот суд Исидорос Дојакос.

Мицотакис пишува дека е потребно итно и длабинско расчистување на „сите криминални случаи поврзани со трагичната железничка несреќа кај Темпи“.

-За таа цел, барам од Вас, во име на грчката Влада, да им дадете приоритет на соодветните случаи и да ги доделите, доколку одлучите, на највисоко можно истражно ниво, пишува грчкиот премиер во писмото до обвинителот.

Додава дека во однос на „криминалната проценка на системски грешки во железничкиот сектор, вклучително и какво било доцнење во завршувањето на потребната технолошка надградба на инфраструктурите“, бара од обвинителот, нивната истрага да продолжи, независно од напредокот на работата на назначената експертска комисија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.