6.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Мицотакис денес ја презема функцијата премиер на Грција

По синоќешната победа на Нова демократија на предвремените парламентарни избори во Грција и можноста сама да формира еднопартиска влада, Кирјакос Мицотакис денес, ќе положи свечена заклетва во претседателската палата и официјално ќе ја преземе функцијата премиер на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Утрово се очекува службениот министер за внатрешни работи на Грција, Андонис Рупакиотис да го извести претседателот на Парламентот, Никос Вуцис за резултатите од изборите, потоа Вуцис да му го соопшти на претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, распоредот на силите во Парламентот. Веднаш потоа Павлопулос ќе му го даде, на победникот на изборите, Кирјакос Мицотакис, мандатот за формирање влада по што новиот премиер ќе положи свечена заклетва, закажана за 13 часот по локално време.

Неофицијално, според најавите во Грција, во текот на денешниот ден ќе има и примопредавање на функцијата, односно Алекис Ципрас ќе му го предаде премиерскиот кабинет на Кирјакос Мицотакис, а веројатно во попладневните часови ќе биде соопштен и составот на владата.

Новата грчка Влада, најверојатно утре ќе положи свечена заклетва во претседателската палата во Атина.

Кирјакос Мицотакис лесно ќе ја формира владата со оглед на тоа дека не е потребно да бара коалиционен партнер, а во едно од неговите предизборни интервјуа рече дека имињата на министрите му се веќе подготвени.

На вчерашните предвремени парламентарни избори, централно десничарската партија освои 158 пратенички места што се доволни за да формира еднопартиска влада.

Со пребројани 99 нотсто од гласовите, според официјалните податоци од грчкото МВР, Нова демократија е прва со 39,85 отсто, односно 8,32 отсто повеќе од СИРИЗА, додека пак изненадувањето на изборите е тоа што Златна зора, не успева да ја достигне потребната граница од три отсто за влез во Парламентот и останува без пратенички места.

Поконкретно:

Нова демократија 39,85 отсти – 158 пратенички места

СИРИЗА 31,53 отсто – 86 пратенички места

Движење на промена 8,09 отсто – 22 пратенички места

Комунистичка партија на Грција 5,31 отсто – 15 пратенички места

Грчко решение 3,69 отсто – 10 пратенички места

МЕРА25 3,44 отсто – девет пратенички места.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.