Мицотакис: Деветте земји што бараат издавање на корона – обврзница претставуваат 57 отсто од БДП на еврозоната

Грчкиот Премиер Кирјакос Мицотакис на вчерашната телеконференција на лидерите на земјите членки на ЕУ, во неговото обраќање, според информациите од Грција, инсистирал за потребата да се издаде корона – обврзница и истакнал дека земјите што го поддржуваат предлогот, согласно испратеното писмо потпишано од деветте лидери, претставуваат 57 отсто од БДП на еврозоната, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис, според истите информации, за да ја истакне потребата за смели иницијативи, посочил дека во САД бил најавен пакет економска поддршка во висина од два трилиони долари, а веќе се загубени три милиони работни места.

Грчкиот Премиер, паралелно се осврнал и ја потенцирал несоодветноста меѓу термините што се користат за да се опише актуелната криза и мерките што досега се преземени, барајќи да се истражат сите алтернативни начини за еден заеднички европски договор.

Според информациите, Мицотакис ги информирал неговите колеги од ЕУ за ситуацијата на грчко – турската граница и додал дека предуслов за било каков дополнителен разговор со Турција е прекинување на провокациите.