Мицотакис: Каменос e соучесник на Ципрас по Преспа

27

Панос Каменос требаше пред неколку месеци да си замине од Владата, доколку навистина сакаше да го спречи Договорот од Преспа. Со тоа што остана во Владата, му го даде пенкалото на Алексис Ципрас да потпише, а според тоа е целосно одговорен и самиот тој, рече претседателот на Нова демократија, говорејќи на политичкиот комитет на партијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Кирјакос Мицотакис упати остри критики до актуелната Влада и до Панос Каменос по најавите дека тој веројатно ќе се повлече од коалицијата поради Договорот од Преспа.

– Треба да говориме за соучество, бидејќи господинот Каменос е соучесник на господинот Ципрас после Преспа. Штом не се согласуваше, требаше уште од тогаш да си замине. Но, наместо него, од владата си замина архитектот на Договорот од Преспа, поранешниот министер за надворешни работи, господинот Коѕијас, рече Мицотакис коментирајќи дека оставката дошла на „владина седница без преседан со меѓусебни обвинувања за поткуп и употреба тајни фондови“.

Лидерот на Нова демократија истакна дека последните сценарија и шпекулации за малцинска Влада до изборите на есен „претставуваат невиден прекршок на демократскиот поредок“.

– Во демократијата не постои скриено или тајно мнозинство. Премиерот треба или да побара гласање доверба, за да видиме кои и колкумина го поддржуваат или да ја одведе земјата на избори, како што наметнува демократскиот легитимитет, порача претседателот на Нова демократија.

Мицотакис рече дека тоа што во изминатите денови се случува во земјата е без преседан, „коалициските партнери да најавуваат средби и интервјуа кои потоа ги откажуваат или презакажуваат, претворајќи ја земјата во реално шоу“. (МИА)

Skin Delight