Мицотакис: Меморандум со ФИФА и УЕФА за грчкиот фудбал

Владата ќе се обрати на највисоко ниво, до раководството на ФИФА и УЕФА, а претседателите на двете федерации ќе бидат лично поканети, заедно со нас да подготват меморандум за обнова и рестартирање на грчкиот фудбал, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред Парламентот, најавувајќи промени и иницијативи што се однесуваат на фудбалските клубови и грчкото фудбалско првенство по изгласаниот амандман што предизвика реакции во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис објасни дека ако сопствениците на клубовите не учествуваат во овој обид, тогаш за нив ќе има санкции, како што се исклучување од меѓународните натпреварување, но и прекин на првата грчка фудбалска лига.

– Сметам дека зад еден долгогодишен проблем се крие една голема можност. И би сакал, оваа можност, сите одговорни на тимовите да ја искористат во еден последен обид за согласување и за заеднички одлуки со одговорност на ФИФА и УЕФА. Во спротивно, грчките клубови ќе бидат исклучени од сите меѓународни натпревари, а нивните сопственици ќе бидат исклучени од нивните големи приходи. Додека, пак, ако продолжи долго оваа болна клима, како последно решение ќе бидеме принудени веднаш да ја прекинеме Суперлигата. Бидејќи, подобро е да немаме никакво првенство отколку да го имаме првенството што го имаме денес, рече Мицотакис и додаде дека за овие прашања ќе стане збор на средбите со челниците на ФИФА и УЕФА и во нивните седишта, но и во Атина.

Премиерот на Грција за време на расправата за ратификација на протоколот за одбранбена соработка меѓу САД и Грција, иако фудбалот не беше на дневен ред, детално и опширно се осврна на прашањето, рече дека во период кога земјата повторно го враќа кредибилитетот во економијата и оди напред на патот на перспективата, во странство и се нанесува штета од „фудбалската вендета“.

– Поконкретно од бизнис и лично ривалство, кое дури откако влезе на стадионите, сега се заканува дека ќе се рашири и во општеството, делејќи ги граѓаните, дури и географски, истакна Мицотакис и додаде дека ова не е ништо ново, бидејќи веќе 20 години грчкиот фудбал го измачуваат овие работи.

Во однос на изгласаниот амандман за избегнување на строги санкции за фудбалските клубови и исфрлање во пониска лига во случај на исто сопствеништво, грчкиот премиер рече дека главниот критериум на владата бил општеството и „единството на граѓаните“, отфрлајќи ги слоганите дека „земјата ќе се подели на два дела“, „ќе се пролее крв“, „Грците ќе се поделат на северни и јужни.