Мицкоски: Ќе поднесеме амандмани на законот за јазици за тој да стане уставен, политикантството на Заев се удира од глава

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандмани на Законот за јазиците за тој да стане уставен, рече во понеделникот на прес-конференција нејзиниoт лидер Христијан Мицкоски за кој очекува дека власта ќе ги поддржи доколку навистина се залага за правда и притоа му порача на премиерот Зоран Заев дека политиканството водено само со цел да се дојде на власт сега се удир од главата.

Венецијанската комисија доцна попладвено се очекува да го објави извештајот со препораки за законот за употреба на јазиците, кои неколку дена различно се толкува од политичките партии.

Венецијанска комисија во петокот препорача да се преиспита законот за јазиците и напуштање на одредбите за двојазичност во судските постапки и ги повика властите во Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

„Немаме политика на принципи од власта, туку ‘купи ден продај’ политика. Имаме коцкање со државните и национални интереси, и не е само така во надворешните односи, туку и во секој друг поглед. Владата на Зоран Заев практично стана заложник на своите неуспеси, и кусогледа популистичка политика. Без многу голема промисленост, туку само со една цел и интерес, како да се дојде до повеќе пари, и до повеќе лични бизниси, а се останато може да чека“, истакна Мицкоски.

Истакна дека во изминатиот период изнел неколку предлози  во насока на зацврстување на демократските процеси и правната држава, но и оти до страна на власта сѐ уште има молк кој не може никако поинаку да се разбере освен како штитење на криминал, корупција и подривање на правната држава. Притоа Мицкоски рече дека еден од предлозите се однесувал на Законот за употреба на јазиците.

„Постојано укажував на тоа дека секој закон е исклучително важно да биде во согласност со Уставот и да е во функција на владеењето со правото. Наспроти тоа добивме закон кој е правна дивоградба. И тој е таков затоа што, пред сѐ, Зоран Заев манипулираше со чувствата на граѓаните и сакаше гласови со измама и тоа од Албанците“, рече Мицкоски.

Оцени дека тоа значи оти Заев бил подготвен на компромис со правдата и правото само за да добие глас повеќе.

„Ова е тема со која Заев сакаше да ги прелаже Албанците во негов стил, за да ги добие нивните гласови, иако ние укажувавме дека законот освен тоа што е противуставен е и неспроведлив и не помага никому. Само не внесе и не заплетка повторно во нова дебата на стара тема во која има многу емоции и национални чувства, а особено имајќи во предвид со кого имаме работа, за очекување е тие да бидат злоупотребени во текот на изборите. И никако во ова не помагаат изјавите кои се контрадикторни и политикантски, почнувајќи од оние на премиерот, па потоа целосно спротивните на вицепремиерката, со кои се демантираше Заев, додавајќи дека ќе постигнеле коалициски став, а особено што таков став не ни треба, кога се знае дека нема компромиси со правото и Уставот, и дека единствениот став мора да биде дека сето ова треба да е правно издржано и применливо“, додаде Мицкиски.

Поради тоа, челникот на партијата најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандмани на Законот за употреба на јазиците, кои во прв дред  ќе ги содржат забелешките од Венецијанската комисија, и ќе биде во согласност со Уставот на Македонија.

„Еден неуставен закон да го направиме уставен, во духот на европските практики содржани во забелешките на Венецијанската комисија. Никој во оваа држава да не се чувствува оштетена страна. И затоа овие амандмани треба да бидат поддржани од власта, од Заев и неговата коалиција, со што ќе се демонстрира зрелост но и само така да се покаже дека нема да има компромиси со правото. Во спротивно, ќе се одбере популизмот, во надеж за нови измами, без дела“, порача Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.