Мигрант од Мароко во Словенија осомничен за две силувања откако излегол од затвор

Државјанин на Мароко, според медиумите илегален мигрант, минатиот месец во словенечката престолнина Љубљана силувал две девојки, откако излегол од затвор каде минал две години поради грабеж.

Веста прво ја објави љубљанскиот дневен весник Dnevnik, според кој полицијата кон крајот на октомври пред истражен судија предала 38-годишник од Мароко, осомничен дека во Љубљана извршил две кривични дела на полов напад, и одреден му е притвор.

Жртвите, според весникот, се две студентки. Првата ја принудил на сексуален чин во нејзината соба каде двајцата пиеле, а откако го замолила да си оди бидејќи сака да спие. Втората студентка во алтернативниот културен центар Метлекова во центарот на Љубљана на сексуален однос ја присилил со нож, се наведува во написот на Dnevnik.

Информацијата на весникот, за другите словенечки медиуми ја потврдила полицијата.

Мароканецот, според медиумските написи, е илегален мигрант кој во Словенија своевремено барал азил што му било одбиено, а поради грабеж во 2016 година бил осуден на две години затвор која ја одлежал. И покрај тоа, по излегувањето од затворот главно престојувал во Словенија, бидејќи не му бил одредено прогонување од земајта, како што тоа е случај кога станува збор за насилни престапници, истакнуваат словенечките медиуми.