Мигрант убиен кај Сараево, најавено затворање на два мигрантски центра кај Бихаќ

Еден мигрант е убиен во понеделникот вечерта во меѓусебна пресметка на Илиџа крај Сараево, соопшти полицијата чии бројни припадници се излезени на теренот, додека властите најавија затворање на два мигрантски центра крај Бихаќ.

Според полициското соопштение, инцидентот се случил по 19 часот кога избувнал конфликт меѓу група мигранти. Еден од учесниците се здобил со рани опасни по живот, а починал набрзо по инцидентот.

„Околу 19,10 часот на подрачјето на Илиџа еден мигрант се здобил со повреди нанесени со остар предмет. На местото на настанот излегоа полициски службеници на Управата на полицијата на МВР на Жупанијата Сараево и екипа на Заводот за итна медицинска помош, чиј лекар констатираше смрт во 19,50 часот“, се наведува во соопштението кое го цитираат локалните медиуми.

Се појаснува дека обвинителството води истрага на теренот. Бројни полициски сили се на местото на злосторството, а блокиран е и еден патен правец кој води кон Сараево.

Претходно денеска и претставниците на властите на Унско-санската жупанија побараа затворање на два мигрантски центра со цел оваа жупанија да биде растоварена од притисокот на мигрантите кои надминаа 10.000 лица.

Во овој регион, чиј центар во Бихаќ, чести се меѓусебните судири на мигрантите, но и напади на локалното население. На локалните жители, како што пренесуваат медиумите, властите на денешниот состанок со министерот за безбедност на БиХ, Селим Цикотиќ, ветиле дека ќе затворат два колективни центра, а мигрантите ќе ги распоредат во други области на БиХ.