Мигрантска криза: Фон дер Лaјен денеска на италиjанска Лампедуза

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во недела ќе ја посети Лампедуза, италијански остров кој на почетокот на оваа седмица привлече повеќе мигранти отколку што има жители, што повторно ја поттикна дебатата за споделените одговорности за мигрантите во рамките на Европската унија.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави во петокот дека миграцискиот притисок што го трпи нејзината земја е „неподнослив“ и побара прашањето за миграцијата да биде ставено на агендата на самитот на ЕУ во ноември. Урсула фон дер Лајен во недела ќе ја посети Лампедуза на покана на италијанската премиерка, соопшти нејзиниот портпарол Ерик Мамер.

Оваа мигрантска криза е предмет на интензивни дипломатски активности веќе 48 часа. Министрите за внатрешни работи на Франција, Германија и Италија и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон разговараа за неа во саботата телефонски.

Францускиот министер Жералд Дарманен, исто така, има намера во блиска иднина да ја посети Лампедуза, а претседателот Емануел Макрон вети дека „ќе ја зајакне соработката на европско ниво со цел да се најдат ефективни решенија, непосредни и долгорочни, за оваа криза“.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер нагласи дека „Германија секогаш покажувала солидарност и ќе продолжи да го прави тоа“.

Лоцирана на помалку од 150 километри од тунискиот брег, Лампедуза е една од првите појдовни точки за мигрантите кои го преминуваат Медитеранот и се надеваат дека ќе стигнат до Европа. Во понеделникот околу 8.500 луѓе, повеќе од севкупното население на Лампедуза, пристигнаа на островот со 199 бродови, покажуваат податоците на Агенцијата за миграција на Обединетите нации.

Центарот за прием на мигранти на островот е наменет за помалку од 400 луѓе. Иако добар дел од нив оттогаш се преместени на друго место, во саботата сè уште имаше 2.500 мигранти во преполниот прифатен центар.

„Миграцискиот притисок врз Италија од почетокот на годината е неодржлив“, рече во петокот премиерката Мелони, која ја предводи најдесничарската италијанска влада од Втората светска војна. Процени дека „десетици милиони луѓе“ во Африка би можеле да ги напуштат своите земји поради војни или глад, велејќи дека „Италија и Европа не можат да примат огромна маса“ мигранти.

Повеќе од 127.000 мигранти се истовариле на италијанските брегови од почетокот на годината, што е речиси двојно повеќе од истиот период во претходната 2022 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.