Михајловски ветува враќање на сјајот на спортските објекти во Куманово

Соколанската сала ќе ја претвориме во спортски музеј на Куманово, а спортската сала која беше бисер на Балканот ќе ја реновираме и гасифицираме, рече на денешната прес-конференција Тони Михајловски, кандидат за градоначалник на општина Куманово од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија.

„Куманово за жал е избришано од спортската мапа и на Балканот и на Европа, а и на светот. Куманово кое што некогаш носеше победи и спортови кои на Куманово му донесоа многу награди, многу ордени, денеска ги нема, тоа е боксот, тоа е борењето, тоа е ракометот, па тоа е и кошарката, па можеме да кажеме дека и фудбалот не е на некое завидно ниво. Време е да престанат тие ампутирања и време е победите да се вратат во Куманово. Ние имаме и план и програма како да го направиме спортот повторно нешто што му личи на Куманово и нешто што ќе му носи победи“, кажа Михајловски.

Доколку ја добијат поддршката на граѓаните планирано е Соколана да ја направи Спортски музеј во кој ќе се овековечат сите спортски победи во Куманово.

„Спортската сала која е во распаѓање, а беше бисер на Балканот и во неа се случуваа најголемите спортски настани, музички концерти и ред други работи, време е навистина да се реновира и не само да се реновира туку и да се стопли што значи дека ќе ја гасифицираме и ќе ја направиме повторно бисер на Балканот и на Македонија дефинитивно со кое што Куманово ќе се гордее“, додаде Михајловски.

Ракометарот и член на ВМРО ДПМНЕ Борко Ристовски верува дека после изборите Куманово ќе има сосема нов спортски лик.

„Ќе се обидеме сите заедно да го вратиме Куманово на мапата на спортот затоа што е заборавен, скоро и да нема спорт во Куманово или ако го има тоа е на маргините на општеството така што мислам дека Куманово заслужува едно убаво спортско здание кое што Тони го вети, Куманово заслужува да кумановци се вратат во салите, во базените, едноставно градот да живее за спортот. Јас сум тука да дадам поддршка“, рече Борко Ристовски, член на ВМРО-ДПМНЕ
Михајловски ги повика граѓаните в недела на голем сенароден митинг на плоштадот во Куманово, со почеток во 18 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.