Михајловски: Време е за промени, Куманово не заслужува да биде црна дупка и да му се убие душата

Она што ме мотивираше да се кандидирам за градоначалник е што го гледам мојот град како триесет години пропаѓа, станува рушевина. Од индустриски гигант кој градеше низ светот не успева да се изгради себе си. Куманово од еден рокенрол град од еден џез фестивал стана турбо фолк центар.

Вака кандидатот за градоначалник на Куманово, Тони Михајловски го опишува својот роден град. Тој во интервју за „Република“ вели дека на Куманово му е потребна промена.

Јас иако 33 години живеам во Скопје се уште немам сменето лична карта. Го негувам тој локал патриотизам во себе, си го сакам Куманово-вели Михајловски за својот град.

Михајловски иако не живее во Куманово вели дека знае кои се главните проблеми на кумановчани.

Куманово е претворено во една депонија, градот се гуши во сообраќаен метеж, инфраструктурата е на многу ниско ниво, нема доволно градинки за децата, градот е небезбеден и затруен град. Покрај тоа, градот е нечист и осиромашен и за жал најголемиот вработувач во Куманово-Авганистан пред некое време прогласи стачај. Делови од градот се во кал, некои немаат вода. Ова во 21 век на Куманово не треба да му се случува. Од економски гигант, од еден убав и безбеден град се претвори во една црна дупка полна со рушевини-објаснува Михајловски.

Изборната кампња ќе ја искористи за директни средби со граѓаните но ќе ги користи и социјалните мрежи.

Граѓаните се тие кои не гласаат и основно е да направиш средби со нив за да ги чуеш проблемите кои ги имаат. Најдобите проекти се оние кои ќе ги чуеш од граѓаните. Кампањата ќе биде позитивна, нема да се токсифицирам и да пуштам отровни стрели.Нема да говорам за црни сценарија затоа што во Куманово и онака е доволно црно. Сакам да внесеме една светлина, на Куманово му треба промена.Таму околу триесеттина години не е променета власта, победуваат градоначалници од иста партија и тие градоначалници се најголемата причина за поразот што Куманово го постигнува. Нивните победи се пораз за Куманово. Време е за промени, Куманово не заслужува да биде таква црна дупка и да му се убие душата. Кампањата ќе ми биде наместо сите патишта наместо да водат од Куманово да водат кон Куманово.

Тој вели дека Куманово веќе не смее да биде бастион ниту на СДСМ ниту на ВМРО-ДПМНЕ туку треба да биде бастион на соживотот.

За тоа дека актуелниот градоначалник Максим Димитриевски најави независна кандидатура а СДСМ се уште го нема објавено својот кандидат Михајловски смета дека внатре во партијата постојат проблеми бидејќи очигледно е дека Куманово е сладок залак со буџет од околу 30 милиони евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.