Мијалков: Немам вина и затоа немам причини да бегам

Нема зошто да бегам. Јас сум убеден во мојата невиност и верувам дека во натамошната постапка и судот ќе го увиди тоа, изјави поранешниот директор на Управта за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, пред Кривичниот совет на Апелацискиот суд на денешната јавна седница којшто започна во понеделникот претпладнето.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контразузнавање, Сашо Мијалков дојде во Апелациониот суд каде на седница се расправаше по жалбата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за мерката притвор којашто се бараше за него, како обвинет во споениот случај „Таргет“ и „Тврдина“.

„Совесно се јавував на секој повик во СЈО, на последниот повик се вратив порано од пат што е доволен аргумент дека нема да ја напуштам државата поради тоа што сум убеден во својата невиност. Давам мој личен збор под целосна материјална и кривична одговорност дека редовно ќе се јавувам во судот. Ова е само еден обид за манипулација на СЈО. Јас верувам во објективноста и професионалност на овој суд и верувам дека ќе донесе правилна одлука’, изјави Мијалков.

„Досега само двапати не сум се јавил на покана и тоа затоа што бев во странство и немаше карти за да се вратам порано. Одговорно се јавувам на секој нивни повик. Така било досега, а од денеска можам да кажам дека мој збор е дека секогаш и на секој повик од судот ќе се јавувам уредно и ќе бидам присутен”, образложи Мијалков.

Обвинителката Ленче Ристовска рече дека за Мијалков се води скратена постапка и токму поради тоа за определување мерка притвор се зема само опасност од бегство.

„Во прилог ги доставуваме анкетните листови и документи од Трговскиот регистар во Чешка на кои може да се види дека Мијалков е сопственик на имот и фирми во Чешка“, рече таа.

Одбраната на Мијалков побара да не се земе предвид жалбата на СЈО за определување мерка притвор затоа што Мијалков ако сакал досега можел да избега и да не се врати во државата. Дополнително, како што рече Љупчо Шврговски, еден од адвокатите на Мијалков, тој уредно се јавувал на сите повици на СЈО.

Во судот не се појави поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, кој е обвинет во истиот предмет, со образложение дека е на боледување.

Иако СЈО бараше притвор за речиси сите обвинети во случаите, судот одреди поблаги мерки. Мерки не беа одредени ниту за координаторот на пратеничката група на дуи, Ејуп Алими кој е обвинет во случајот „Титаник“.