Микиќ: Веќе има рестриктивни мерки, нема потреба Куманово да биде во карантин

Дополнителниот карантин во Куманово нема да придонесе кон намалување во бројот на заболените од коронавирусот, од епидемиолошкиот аспект. Веќе имаме сериозно рестриктивни мерки донесени на територија на целата држава, кои доколку се почитуваат ќе го намалат ширењето на вирусот, истакна вечерва епидемиологот од Институтот за јавно здравје, Владимир Микиќ.

Тој во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5, појасни дека не треба да се прави паралела меѓу Дебар и Куманово, или пак да веруваме дека едниот модел што е применет во Дебар, би функционирал еднкаво добро и во Куманово.

– Кога се воведува карантин, тој се воведува од една причина, а тоа е да се намали можноста за трансмисија на заболување од тој регион во друг регион. Кога беше прогласена мерката за карантин во Дебар, тогаш имавме сосема друга состојба во земјата, таму беа регистрирани речиси прв кластер на слуачи, па идејата беше и да се успори ширењето од Дебар кон остатокот на земјата. Куманово во овој момент се наоѓа во сосема друга состојба – додаде тој.

Ширењето на вирусот, како што вели Микиќ, е распространето во Скопје и во други градови на заболување, и нема потреба од воведување дополнитно, од она што веќе е донесено како рестриктивна мерка.

– Само да се потсетиме, после 16 часот е забрането движење на цела земја, викендите се забранети за движење и уште повеќе, затворени се границите кон странство. Веќе имаме сериозно рестриктивни мерки донесени на територија на целата држава, ништо дополнително не би донел евентуалниот карантин во Куманово од епидемиолошки аспект. Може единствено обратно да се гледа, колку би се прелеала инфекцијата од Куманово во однос на другите градови. Но пак се сведува на едно исто – рече епидемиологот Микиќ.

Тој појаснува дека доколку се почитуваат мерките кои се препорачани за социјално дистанцирање, лична хигиена, користење на заштитна опрема кога се наоѓаме во затворени простории, можноста за ширење ке биде намалена.

– Она што сега го гледаме е зголемен број на заболени во Куманово но сакам да кажам дека Куманово е вториот град кај што имаме најголем број на тестови. Само во Институтот од Куманово се направени над 1.260 тестови. Нормално е и дека ќе очекуваме да имаме поголем број на случаи. Стапката на позитивност се движи околу 20 проценти затоа што тоа се тестови направени кај лица кај кои очекуваме да бидат позитивни – рече Микиќ.

Во однос на тоа кога може да очекуваме намалување на ширењето на вирусот, епидемиологот истакна дека може да очекуваме дека ќе има некое намалување во летните месеци но, како што рече би бил многу внимателен околу овие прогнози затоа што не можеме со сигурност тоа да го тврдиме.

– Гледаме дека и во земји каде е потопла клима сепак се пренесува вирусот иако би требало кога другите респираторни вируси во северната хемисфера кај што имаме умерена клима во летните месеци да се намали ширењето. Но ова е само претпоставка која треба да видиме дали ќе се оствари кога ќе дојдат топлите месеци. Животот секако дека ќе се врати во нормала, но тоа нема да се случи одеднаш туку етапно, со оглед на бројот на заразените од коронавирусот – додаде епидемиологот Владимир Микиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.