Милан го губи чекорот со Интер, нов хет-трик на Роналдо

AC Milan Ssc Napoli at Giuseppe Meazza stadium in Milan, 14 March 2021. ANSA / MATTEO BAZZI

Фудбалерите на Наполи го победија Милан со 1:0 на неговиот терен во Милано во последниот натпревар од 27-то коло на италијанскиот шампионат.

Победничкиот погодок за наполитанците, за кои последните дваесетина минути го одигра македонскиот репрезентативец Ељиф Елмаз, го постигна Матео Политано во 49 минута. Милан до крајот се обидуваше да направи пресврт, но не успеа да погоди ниту за израмнување а една од најдобрите шанси ја имаше Анте Ребиќ кој во 71 минута од близина добро шутираше со глава под пречката, но Оспина одлично одбрани, а фрустрираниот Ребиќ во нервозниот финиш поради неспортско однесување доби црвен картон.

Милан со овој пораз остана на девет бодови зад водечкиот градски ривал Интер кој претходно во неделата славеше со 2:1 на гостувањето кај Торино. Наполи сега е на петтото кое води во Лига Европа и има 50 бодови колку и шестата Рома но која има и меч повеќе. Пред Наполи е Аталанта со 52 бодови и исто така меч повеќе.

 

Во Торино сите погодоци беа постигнати во второто полувреме. Интер поведе во 62 минута со погодокот на Ромелу Лукаку од пеналот досуден поради фаулот над Лаутаро Мартинез, Торино израмни во 70 минута со голот на Антонио Санабрија, а осмата победа во низа на „Нераѕирите“ им ја донесе Мартинез во 85 минута.

Торино остана на 18-то место со 20 бодови, два помалку од зоната на опстанок односно 17-то место на кое е Калјари, а за тоа се погрижи неговиот градски ривал Јувнетус.

 

На Кристијано Роналдо му беа доволни половина час игра за да впише нов хет-трик на гостувањето кај Калјари кое го доби торинската „Стара дама“ со 3:1. Јувентус така дојде до 55 бодови, остана на третото место но сега со меч помалку има само бод помалку од второпласираниот Милан, а големи десет помалку од Интер.

Роналдо ја начна мрежата на домашните во 10 минита кога постигна погодок со глава по нафрлувањето од Квадрадо, во 25 минута Поругалецот беше прецизен од пенал, а во 32 минута погоди по аситенција на Киеза. Во продолжението Јуве се повлече, домашните ја преземаа иницијативата но само успеаја преку Џовани Симеони во 61 минута да го ублажат поразот. Јувентус така ја продолжи серијата од шесте натпревари без пораз, во кои постигна пет победи и едно реми.

Триесет ишестгодишниот Роналдо го впиша својот 57-ми натпревар во кариерата во кој постигнал три или повеќе погодоци. Интересно, тој првиот хет-трик во дресот на Јувентус го впиша во јануари 2020 година, исто така, во победата над Калјари со 4:0.

 

Претпоследната Парма претходно направи изненадување и на свој терен со 2:0 ја совлада Рома која испушти можност со победа да се искачи до четвртото место на табелата на кое е Аталанта со 52 бода, последното кое води директно во Лигата на шампионите. Римската „Волчица“ остана на 50 бодови.
Валентин Михаила во 9 и Ернанин Азаведо Жиниор во 55 минута од пенал беа стрелци за Парма која и натаму е претпоследна 19-та сега со 19 бодови, три помалку од зоната на спасот.

 

Во првиот неделен дуел Болоња како домаќин ја совлада Сампорија со 3:1. Стрелци за домашните беа Муса Бароу во 27, Матијас Сванберг 41 и Роберто Соријано во 70 минута, а гостите само израмнина во 27 минута со голот на Фабио Кваљарела. Сампдорија остана на 11-ти место со 32 бодови, но сега Болоња ѝ се доближи на бод помалку место подолу на табелата.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.