Милан и Наполи се задоволија со бод, Кваљарела го стаса Батистута

Во дербито од саботната програма на 21-то коло во италијанскиот фудбалски шампионат, Милан и Наполи одиграа без голови.

Наполи допатува во Милано со намера во прв ред да остане непоразен, а домашните „црно-црвени“ немаа сили да забележат целосен успех. Ова е втора сезона по ред дуелот на овие ривали на „Сан Сиро“ да заврши без голови.

Вториот Наполи сега има 48 бодови, осум помалку од водечкиот Јувентус кој има и меч помалку, и осум повеќе од третиот Интер кој исто така во недела ќе го игра својот натпревар од 21-то коло. Милан, пак, моментални е четврти со 35 бодови, два повеќе од сега петтата Рома која има меч помалку.

Во претходно одиграниот натпревар искусниот напаѓач на Сампдорија, Фабио Кваљарела, кој за пет дена ќе наполни 36 години, беше стрелец во 11-от последователен натпревар во Серија А, со што го изедначи рекордот на легендарниот Аргентинец Габриел Батистута кој тоа го постигна во дресот на Фиорентина во сезоната 1994/1995. Можноста да стане самостоен рекордер по бројот последователни мечеви на кои постигнал погодок, Кваљарела ќе ја има следната седмица кога Сампдорија гостува кај фаворитот Наполи.

Кваљареала ги постигна првите два гола, и двата од пенал, во 4:0 домашната победа над Удинезе. Првиот гол Кваљарела го даде во 33 а вториот во 56 минута. До крајот на мечот меѓу стрелците се запишаа и Линети во 68 и Габиадини во 78 минута.

Со оваа победа Сампдорија стаса на шестото место со 33 бодови, додека Удинезе е 15-ти со 18 бодови, колку што има и 16-от СПАЛ.

Сасуоло како домаќин во Реџо Емилија го совлада со 3:0 Калјари, а стрелци беа Локатели во 9, Бабукар во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме и Матри во 87 минута. Сасуло со новите три бода скокна на деветтото место со 29 бодови, додека екипата од Сардинија остана 13-та со 21 бод.

Во недела на програмата се натпреварите Киево – Фиорентина, Аталанта – Рома, Болоња – Фросиноне, Парма – СПАЛ, Торино – Интер и Лацио – Јувентус, а колото ќе заврши во понеделник со дуелот Емполи – Џенова.