Милан на бод зад Интер, Пјатек повторно стрелец

Фудбалерите на Милан на отворањето од 25-то коло на италијанското првенство во петокот вечерта на својот „Сан Сиро“ го совладаа слабиот Емполи со 3:0, а сите голови беа постигнати во второто полуврме

Повторно за Милан стрелец беше, во 50 минута, полскиот голгетер 23-годишниот Кшиштоф Пјатек, кој дојде во редовите на „росонерите“ во зимскиот преоден рок од Џенова. Ова му е петти гол во дресот на Милан, а вкупно има 18 погоодоци и е втор на листата на стрелците во Серија А. Пред него е само Кристијано Роналдо со 19 голови.

Милан сега се зацврсти на четвртата позиција која води во Лигата на шампионите со 45 бодови, еден бод помалку зад третопласираниот градски ривал Интер, кој има и меч помалку. Недостижен на врвот е актуелниот шампион Јувнетус со 66 бодови, а го следи Наполи кој има 13 бодови помалку.

Емполи, пак, е 17-ти последното место на табелата кое обезбедува опстанок, со 21 бод, три повеќе од 18-та Болоња и пет од 19-то Фросиноне. На дното е веќе отпишаното Киево, кое сезоната ја почна со одземени три бода, а досега успеа да постигне само една победа и девет пати да остане непоразен.

Во сабота се играат само две средби: Торино – Аталанта и Фросиноне – Рома. Во недела програмата ја отвораат напладне Сампдорија – Калјари, па следуваат дуелите Болоња – Јувентус, Киево – Џенова, Сасуоло – СПАЛ, Парма – Наполи и Фиорентина – Интер, а во понеделник играат Лацио – Удинезе.