Милан победи во Верона, Наполи сѐ уште лидер на Серија А

Marcantonio Bentegodi stadium in Verona, Italy, 16 October 2022. ANSA/EMANUELE PENNACCHIO

Актуелниот италијански фудбалски првак Милан во последниот неделен натпревар од 10-то коло на Серија А на гости ја совлада Верона со 2:1.

Милан рано поведе, уште во 9 минута со несреќниот автогол на Мигуел Велосо, а две минути подоцна Оливие Жиру не реализираше чиста шанса да го удвои водството. За тоа промашување гостите беа казнети набрзо и во 19 минута ударот на Корај Гинтер заврши во мрежата на „Росонерите“. Тој резултат остана до 81 минута кога во нападот се уфрли Сандро Тонали и искористи луцидно проигрување од Анте Ребиќ за победничкиот погодок.

Милан со овие три бода се искачи на третото место на табелата со 23 бодови, три помалку од водечкиот Наполи, а еден помалку од втората Аталанта. Верона, пак, остана во зоната на испаѓање, 18-та е со пет бодови.

Наполи, за кој од 70 минута настапи македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас, на домашен терен со 3:2 ја совлада Болоња.

Иако Наполи започна да напаѓа од самиот почетокот на дуелот, прва во водство дојде Болоња, со голот на Џошуа Зиркзе во 41 минута. Сепак, на полувреме се замина со реми, откако во 45 минута Хуан Жезус од мешаница успеа да ја погоди гостинската мрежа. На почетокот од вториот дел, во 49 минути Хирвинг Лозано ги донесе домашните во водство, но по само две минути ново израмнување донесе Муса Баров. Сепак големата надмоќност на Наполи резултираше до победничкиот погодок на Виктор Осимхен во 69 минута.

Наполи кој во десетте изминати кола има само две ремија е лидер со 26 бодови. Болоња е место над зоната на испаѓање, 17-та е со седум бодови.

Интер беше сигурен на домашен терен со Салернитана со 2:0, а стрелци беа Лаутаро Мартинез во 14 и Николо Бареља во 58 минута. Интер сега е седми со 18 бодови, бод помалку од шестата рома која има меч помалку кој ќе го игра во понеделник со последната Сампдорија. Салернитана остана на 10 бодови и моментално е 12-та.

Лацио и Удинезе во Рим ремизираа без голови. И двата клуба останаа на истите позиции на табелата од пред почетокот на колото сега со по 21 бод на делба на четвртото и петтото место.

Без победник заврши и дуелот меѓу Специја и Кремонезе боа му имаше четири погодоци и повеќе возбудувања. Гостите поведоа уште во 2 минута со голот на Сириел Десерс, а потоа домашните со два брзи погодока во 19 и 22 минута направија пресврт преку М’Бала Нѕола и Емил Холм. За Кремонезе гостинскиот бод го донесе Шарл Пикел во 52 минута.

Специја остана на 15-то место со 9 бодови, а Кремонезе сѐ уште е претпоследен 19-ти со без ниедна победа и само четири бодови.

Покрај гостувањето на Рома кај Сампродија, во понеделник на распоредот е и дуелот меѓу Лече и Фиорентина.