Милан поразен во Торино, Лацио изненаден дома од Салернитана

Olimpico Grande Torino stadium in Turin, Italy, 30 october 2022 ANSA/ALESSANDRO DI MARCO

Во последниот натпревар од неделната програма од 12-то коло од италијанското фудбалско првенство Торино на домашен терен славеше со 2:1 над бранителот на титулата Милан.

Торино поведе во 35 минута со погодокот на Кофи Џиџи со глава, а само две минути подоцна голманот Милинковиќ-Савиќ долго дегажираше до Никола Влашиќ кој успеа да ја додаде топката до Алексеј Миранчук кој рутинирано го совлада Татарушану.

Во второто полувреме Милан успеа само да го ублажи поразот преку Жуниор Месијас во 67 минута, кој пред да го погоди домашниот гол очигледно го оттурна домашниот капитен Бонџорно, но судијата та не го забележа а ВАР-от не реагираше. Таквата одлука го разгневи тренерот на Торино, Хрватот Иван Јуриќ кој поради протестите доби прво жолт картон а откако не се смири беше оддалечен од клупата.

Милан остана на 26 бодови но сега бод помалку од втората Аталанта и шест бодови зад водечкиот Наполи. Торино се искачи на 9-то место со 17 водови.

Во претходно одиграниот натпревар Салернитана во Рим го изненади Лацио и го совлада со 3:1.

Лацио поведе пред крајот на првото полувреме, во 41 минута преку Матија Закањи, но во продолжението се одигра неочекуваниот пресврт. Ветераните Антони Кандрева во 51 минута и Федерико Фацио во 68 минута ги доведоа во водство гостите, а стрелец за третиот победник беше Булеје Диа во 76 минута кој острата приземна топка во петерецот со лизгачки старт ја внесе во домашна мрежа.

Лацио остана четврти со 24 бодови колку што има и петтиот Интер, а зад нив со 22 бодови се Рома, Јувентус и Удинезе, со тоа што „Волчицата“ има меч помалку. Салернитана сега се искачи на 9-то место со 16 бодови.

Специја беше поразена пред своите навивачи беше поразен со 1:2 од Фиорентина. Гостите дојдоа во водство во 14 минута преку Никола Миленковиќ, но домашните израмнија во 35 минута со голот на М’Бала Нзола. Во вториот дел Фиорентина во финишот успеа да ја искористи бројната предност на теренот откако во 82 минута беше исклучен Димитрис Николау, а стрелец на победничкиот погодок беше Артур Кабрал во 90 минута.

Фиорентина се искачи на 12-то место со 13 бодови, а Специја остана на девет бодови и е на 16-то место, три бода повеќе од зоната на испаѓање.

Последнопласираниот тим на Кремонезе, сега со пет бодови, одигра без голови дома со Удинезе кој е осми со 22 бодови.

Аталанта со 2:0 на гости го победи Емполи и се проби на второто место. Гостите поведоа преку Ханс Хатебоер во 32 и водството го удвои Адемола Локман во 59 минута.

Аталанта ја оствари осмата победа сезонава и со 27 бодови е на второто место, а Емполи остана на 11 бодови и падна на 13-то место.