Милан потопен дома, за Интер само бод во Удине

Giuseppe Meazza stadium in Milan, 23 January 2021. ANSA / MATTEO BAZZI

Водечкиот тандем во италијанското фудбалско првенство, миланските клубови Милан и Интер, во саботата во 19-то коло освоија само еден бод. Водечкиот Милан загуби на домашен терен од Аталанта дури со 0:3, а Интер кај Удинезе одигра без головои.

Аталанта на „Сан Сиро/ Џузепе Меаца“, целосно го надигра лидерот во Серија А и до победата стаса со головите на Кристијан Ромеро во 26, Јосип Иличич од пенал во 53 и Дуван Запата во 77 минута.

Истовремено Интер имаше можноста со победа во Удине да се израмни бодовно со Милан на половината од првенството, но не успеа ниту да ја затресе мрежата на противникот, а да биде признаено како погодок.

Така Милан остана на врвот со 43 бодови, два повеќе од вториот Интер, додека Аталаната е сега четврта со 36 бодови, а Удинезе е 14-ти со 18 бодови.

Рома во драматичната завршница со 4:3 ја совлада Специја. Во првото полувреме римската „Волчица“ поведе со голот на Борха Мајорал во 17 минута, но набрзо гостите израмнија со голот на Роберто Поколи во 24 минута. На почетокот од вториот дел Мајорал ја донесе Рома во ново водство во 52 минута а веќе три минути подоцна предноста ја удвои Рик Карсдорп, но го налаи веќе во 59 минута Диего Форнас. Кога се чинеше дека мечот ќе заврши со резултат 3:2 за Рома, во 90 минута Даниеле Верде искористи голема грешка на Смајлинг за да израмни на 3:3, како што се чинеше обезбедувајќи важен бод за Специја. Мо многу брзо откако Рома тргна од центарот, во втората минута од судиското продолжение на мечот Рома дојде до трите бода со голот на Лоренцо Пелегрини. Ова беше втор дуел меѓу Рома и Специја оваа семдмица, откако Специја во вторникот во осминафиналето во купот, исто така, во Рим со 4:2 ја совлада Рома по продолженијата.

Рома моментално е на третото место со 37 бодови, четиири помалку од Интер, односно шест од Милан, а Специја е 15-та со 18 бодови.

Во последниот саботен натпревар Фиорентина на домашен терен со 2:1 беше подобра од Кротоне. Стрелци за домашните беа Џакоо Бонавентура во 20 и Душан Влаховиќ во 32 минута, а гостите само успеаја да намалат во 66 минута преку Симеон Точукву Нванкво.

Фиорентина е 12-та на табелата со 21 бод, а Кротоне последен 20-ти со 12 бодови, два помалку од зоната која гарантира опстанок во Серија А.

Во недела на распоред се натпреварите Јувентус – Болоња, Верона – Наполи, Џенова –Калјари, Лацио – Сасуоло и Парма – Сампдорија.