Милан пресилен за Каљари, Пјатек повотрно стрелец но и првенец за Пакета

Милан продолжува со позитивната серија без пораз во Серија А во 2019 година и во последниот неделен натпревар од 23. коло на шампионатот на Италија, вечерва на „Сан Сиро“ го совлада Каљари со 3-0 (2-0).

Полесно од предвиденото, екипата на Гатусо ги отвори гостите од Сардинија и запиша лесни три бода. Несреќниот Лука Чепители по акцијата на Сусо во 16. минута ги доведе „росонерите“ во водство, а Бразилецот Лукас Пакета со својот првенец во новиот дрес во 22. минута зголеми на 2-0.

Темпото опадна, Каљари креираше само полушанси, а точка на дилемите околу победникот стави Кжиштоф Пјатек со нов гол, овој пат со лоб во 62. минута. Ова е четврти официјален погодок меѓу Серија А и Копа Италија за засилувањето од Џенова.

Милан ги прескокна двата римски клуба и Аталанта и пак се врати на четвртото место на табелата.