„Милан“ сепак ќе игра во Лига Европа

Тимот на „Милан“ ќе игра во Лига Европа откако Спортскиот арбитражен суд (КАС) ја уважи жалбата на Италијанците против одлуката на УЕФА да ги суспендира од европските клупски натпреварувања за сезоната 2018/2019 година.

УЕФА го суспендираше „Милан“ на 27 јуни заради кршење на финансискиот фер-плеј за периодот 2014-2017, кога Силвио Берлускони го предводеше клубот, како и поради тоа што сега веќе поранешниот сопственик Јонхон Ли не успеа да даде финансиска гаранција на клубот и да даде оправдание од каде доаѓа неговиот капитал и како ќе ги покрие обврските.

Кинезот ја изгуби сопственоста на седумкратниот европски шампион пред десет дена, откако американскиот инвестициски фонд „Елиот Менаџмент“ ја презеде контролата над „Милан“ бидејќи Ли не успеа да најде 32 милиони евра за да го зголеми капиталот на гигантот од Милано и го пропушти рокот за враќање на заемот кон „Елиот Менаџмент“.

Американскиот инвестициски фонд, кој управува со средства од над 34 милијарди долари, според податоците од 2017 година, се осигури дека минимум три години ќе се ангажира во развојот на клубот, откако се зборува за сериозен развој на маркетинг операциите и изградба на нов стадион.

На вчерашното рочиште кое траеше повеќе од 12 часа делегацијата на Милан и претставникот на „Елиот“ го убедија судот дека клубот со фондот зад себе веќе има јасна иднина, како и финансиска стабилност, а во нивен прилог беше тоа што УЕФА била многу мека против ПСЖ, „Манчестер Сити“ и „Интер“, кои поминаа со многу полесни казни при нарушувањето на финансискиот ферплеј во последниве години.