Милановиќ: Крим повеќе никогаш нема да биде Украина, Косово е грабнато од Србија

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го повтори во понеделникот својот став против испраќањето смртоносно оружје на Украина и порача дека е „сосема јасно дека Крим никогаш повеќе нема да биде Украина“, како и дека Косово е „грабнато од Србија“.

Како што пренесува новинската агенција Hina, претседателот Милановиќ ма церемонијата на испраќањето на 3-от хрватски контингент во Литванија, јасно порачал дека е против испраќање смртоносно оружје за Украина, како и дека тоа не може да помогне да се запре војната.

„Додека не сфатите дека Србија и Русија не се исто, дека Германија и Русија не се исто… Дека ниедна друга држава освен Русија и САД не се исто. Дека, за жал, тоа е болниот факт и опасност, овие разговори немаат смисла“, рекол Милановиќ.

Хрватскиот челник притоа оцени дека Русите „бидејќи се циници“ ќе се повикуваат на примерот на Косово, во случајот со анексијата на црноморскиот полуостров Крим и четирите југоисточни украински региони со мнозинско руско и рускојазично население кои ланскиот септември преку референдуми изгласаа присоединување на Русија што Украина и Западот го сметаат за нелегално руско анектирање на украинска територија.

„Кој го анектираше Косово? Меѓународната заедница и ние. Грабната е од Србија…. Не е анексија, туку грабање, дел од територија којашто е извлечена до Србија. Како се нарекува тоа? Екстракција. Не е шијата, туку вратот. Ова не е доведување во прашање на Косово, туку на целиот концепт во кој некој мисли дека има право на сѐ кога тоа му одговара, а кога тоа го прави оној другиот – тогаш тоа е криминал“, рекол Милановиќ.

Истакнал дека „сосема е јасно дека Крим повеќе никогаш нема да биде Украина“  и дека „тоа го велат водечките германски генерали… сите го сфаќате ова како семинарска работа, а илјадници луѓе умираат таму, стотици додека зборуваме. Противник на Украина е Русија, опасна земја“.

Според Милановиќ Хрватска, освен испраќањето хуманитарна помош за Украина и осуда на агресијата, не би требало да биде учесничка во конфликтот.

„Мојата задача е само да се оттргнеме од тоа, да не бидеме циркуски пудлици. Хуманитарна помош, осуда на агресијата, но какво и да е учество во тоа е смртоносно опасно“, рекол Милановиќ.

„Тоа е длабоко неморално што го правиме како колективен Запад кој во суштина не постои, бидејќи тука нема решение.  Русија за ова што го прави не е преслаба. Ова не е прашање на моралот. Решението не е промена на власта во Русија. Германските тенкови дополнително ќе ги хомогенизираат Русите. Ќе ги зближат со Кинезите (…) Тоа е штетно за Западот“, оценил Милановиќ.

Хрватскиот претседател оценил дека ниеден американски тенк нема да биде испратен во Украина, иако Вашингтон најави скорешна испорака на најмалку 31 тенк „М1 Abrams“, туку само германските „Leopard 2“.

„Сите германски текови ќе ги испратиме таму, имајќи предвид дека овие советските ги нема, уништени се. Истата судбина ги чека и овие. Во вистинските околности, тоа гори. Внатре горат и луѓе. Ме прашувате кое е решението Тоа јас го прашувам Вашингтон. Кое е решението? Украина да остане без мажи? Јас не сум претседател на Украина…“, смета хрватскиот претседател.

„Влегуваме сѐ подлабоко и подлабоко во судирот, дефакто во судар со нуклеарна суперсила. Знаете како таквите држави ја губат војната која им е многу важна? Така што на крајот користат нуклеарно оружје“, додал хрватскиот претседател.

„Немам апсолутно никакви односи со Русите. Ништо во животот не ми значеле, никогаш не сум ги посетувал ниту примал…. Гледам што се случува. Гледам како налудничави емоции и омраза го водат Западот во проблеми со кои нема да можеме да се справиме“, додал Милановиќ.

Рекол и дека не гледа можност како да биде повратен коридорот кој Русија го зазема во Украина.