Милчо Мисоски добитник на наградата „Караманов 2022“

Авторот Милчо Мисоски е добитник на книжевната награда „Караманов 2022“ за неговиот ракопис „Ефемиди“. Оваа награда се доделува за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори кои пишуваат на македонски јазик.

Одлуката ја донесе Советот на 49 Караманови поетски средби, издавачот на годинашните објави од продукцијата на Караманови средби-ОНБ Браќа Миладиновци, како и организаторот на средбите – Центарот за култура „Ацо Караманов“ Радовиш, заедно со жири комисијата за избор на најдобри поетски ракописи, во состав на проф. Д-р Даниела Андоновска Трајковска – претседател и Борче Панов и Славчо Атанасов – членови.

-На годинашниот конкурс за наградата „Караманов 2022“ се пријавиле 35 поети со свои необјавени поетски ракописи. Од селектираните три најдобри ракописи во најтесен избор – „Монологија на кристалот“ од Љубинка Донева, „Душата на зборот“ под шифра „Мечтателот за подобро утре“, поетскиот ракопис „Ефемиди“ од Милчо Мисоски се издели од останатите ракописи со својата оригиналност, гномичниот израз со раскошна метафорика и рефлексија на мислата, се вели во образложението од жири комисијата.

Воедно, како што се посочува, оваа поезија се издели и со својот луциден ламент на метафизичкото во кое стихот е како што поетот самиот поентира: „она старо небо кое ги знаеше сите зборови на кои земјата сонува“.

-Со изграден и веќе препознатлив поетски јазик, „Ефемиди“ на Мисоски нè уверуваат дека од строгоста на имагинацијата вистината ѝ простува на стварноста со што од читателот се бара да биде буден за сè она за што ни се случува за да не го осудуваме она што не го разбираме, односно да ја разбереме строгоста на вистината, се наведува во образложението.