Милчин разочаран од владеењето на Заев

Законот за јазици кој што едногласно го подржаа пратениците на СДСМ не претставува европски приоритет за Република Македонија и може да почека да се изгласа во Собранието, смета поранешниот висок функционер на СДСМ, Владимир Милчин.

Тој во вечерашното гостување на телевизија „Канал 5“, во емисијата „Само вистина“, жестоко ги критикуваше политиките на Зоран Заев и владејачкото мнозинство во парламентот.

-Потполно се согласувам со францускиот амбасадор, овој закон нема европски приоритет. Законот мора да почека и тоа ќе даде доволно време за него вистински да се разговара. На пример имам едно прашање секој предлог закон треба да содржи и финансиски импликации за негово спроведување. Не сум видел некаде, барем јас не сум видел можеби пратениците имале увид во тоа, колку пари тоа ќе чини и дали ги има во буџетот тие пари- праша Милчин.

Тој целата ситуација за Законот за двојазичност ја споредува со информираноста на граѓаните кога станува збор за прашањето за името.

-Нас тој закон ни е исто толку јасен, колку што ние е јасно што се случува со преговорите за името. Пак не знаеме ние, грчките граѓани знаат повеќе. Ние сме на некој начин омаловажени во целата приказна како тоа нас да не не засега- потенцираше Милчин.

Според него овие прашања не може да бидат важни само за политичките пазарења, бидејќи Собранието не е за пазар за политички пазарење за прашања кои се важни и чувствителни за граѓаните.

Тој смета дека новата Влада многу ветувала, а малку остварила.

-Не гледам дека денеска има повеќе правда отколку што имаше во времето на режимот. Добро, има разлика во медиумите, повеќе се повеќе отворени и нема спектакуларни апсења. Точно е и дека сега повеќето невладини се стишени. Мислам дека дел од нив се уште набљубудаат, но молчењето нема да трае уште долго. Оваа Влада нема да има толку време како Владата на Груевски, нема толку долго да биде поштедена од критики и реакции- изјави Милчин.