Милер не сака преселба на Ноу Камп

Лодвиг Когл, агентот на резервниот напаѓач од редовите на старо-новиот шампион на Германија, тимот на Баерн (М), Томас Милер, експресно ја демантираше пласираната шпекулација од фудбалските медиуми во Шпанија дека неговиот клиент на стартот од летниот преоден рок и официјално ќе биде претставен како најнова милионска аквизиција на каталонскиот гигант Барселона.

„Барселона не е опција за мојот клиент. Не знам од каде таа информација. Голема грешка на шпанските медиуми. Мојот клиент целосно е фокусиран на Баерн (М), мисли само на последниот првенствен натпревар и на финалниот натпревар од Купот на Германија. На крајот од актуелната сезона ќе разговараме со клупските челници, ќе видиме какви се плановите за новата сезона. Едно е сигурно, Милер не се жали на престојот во Минхен”, изјави Когл.
Освен со Барселона, репрезентативецот на Германија постојано е поврзуван со трансфер во редовите на Арсенал, Манчестер Јунајтед и Ливерпул, а неговата слобода е проценета на 30 мил. евра.