Милевски: Исходот од мечот со Грузија зависи само од нашата игра

Македонија во четвртокот вечерта со почеток во 20,45 часот на домашен терен ја пречекува селекцијата на Грузија која по две кола од новиот циклус во Лигата на нации има максимални шест бодови, со победа против Гибралтар а потоа против Бугарија, па утрешната пресметка е практично е директна битка за првото место во групата.

Македонскиот селектор Благоја Милевски вели дека утрешниот исход зависи исклучиво од нашата игра.

„Од Македонија ќе зависи конечниот исход. Сѐ што е поминато за нас е историја. Секој нареден меч е најважен“, рече Милевски.

„Го гледав натпреварот на Грузија со Бугарија. Се работи за одличен тим со одлични индивидуалци кои одиграа одлично против Бугарија, но секој меч е приказна за себе. Тој натпревар во Грузија (победата на Македонија за пласман на Евро 2020) нема никаква конекција со овој сега, и не би се навраќал на тоа. Има разлика од тогаш, имаат нов селектор и нова филозофија на игра. Начинот на кој играат е различен и не гледам некоја поврзаност и сличност. Квалитетот како поединечен, така и на тимот е голем. Ако им дозволиме, може да не нападнат. На утрешниот меч ќе се прашува и Македонија за крајниот исход. Индивидуалците се важни, но на крај ова е тимска игра и на крајот тимот победува или губи“, изјави Милевски на прес-конференцијата.