Милевски: Сѐ повеќе наликуваме на тим каков што посакувам

Фудбалската репрезентација на Македонија го отвори квалификацискиот циклус за следното Европско првенство според планот, со победа над Малта од 2:1, но и покрај играта со многу грешки против посниско рангираниот противник, на вообичаената конференција за медиумите по натпреварот селекторот Благоја Милевски изрази задоволство од победата и изрази уверување дека во иднина ќе следат подобри престави.

Селекторот им честиташе на фудбалерите за постигнатото на вечерашниот натпревар и кажа дека победата радува. Во иднина посакува подобра Македонија за која верува дека ќе дојде, затоа што играчите од собир во собир се сѐ подобри.

„Најпрво, честитки за момците, за тактичката дисциплина. Јас напоменав и пред мечот дека овие натпревари против екипа како што е Малта се најопасни. Можеше да победиме со повисока разлика, штета што примивме ваков случаен гол. Најзадоволен сум од енергијата која ја покажаа момците. Се создаде хемија со нив. Имаме вклучено нови млади играчи, а тоа да се вклопи во една целина, треба време. Сѐ повеќе и повеќе наликуваме на тим каков што го посакувам. Сите се како карактери одлични момци и тоа го покажуваат од собир на собир“, рече Милевски.

Ја коментираше и ситуацијата со различните полувремиња. Во првиот дел, оцени селекторот, имало многу солирања и индивидуални пробиви, додека во вториот дел на сцената била поинаква Македонија.

„Имаше акции кои мораше да ги завршуваме со удар на голот. Но, кога доаѓате во ситуација цела нација од вас да чека да направите нешто повеќе… Не е од што има солирање затоа што играчот така сака, туку да се задоволи нацијата да се постигне гол. Тоа е само еден позитивен дел од карактерот на момците и се надевам дека тоа ќе се поправи во наредните натпревари“, заврши селекторот Милевски.