Милијарда евра од ЕБОР за финансирање итна поддршка на компаниите погодени од последиците од коронавирусот

32

ЕБОР оддели една милијарда евра итна помош, во форма на „Солидарен пакет” за мерките што ќе им помогнат на компаниите во регионите каде Банката има активности, да се справат со последиците од пандемијата на коронавирусот.

Ова, како што соопштуваат од банката, е иницијален одговор на кризата и Банката е подготвена да направи повеќе доколку и кога ќе биде потребно.

Предлогот мерки е одобрен денеска од страна на акционерите на Банката која инвестира во поддршка на развојот, особено во приватниот сектор, во 38-те земји каде има резидентни канцеларии.

Под оваа програма за итни мерки, ЕБОР ќе воспостави „рамка на флексибилно дејствување”, со цел да обезбеди финансирање на постоечките клиенти на ЕБОР, со одржлива деловна основа, за оние кои во моментов поминуваат низ привремени потешкотии во кредитирањето.

Коментирајќи на одговорот на ЕБОР на глобалната здравствена криза, претседателот на ЕБОР, сер Сума Чакрабарти вели дека КОВИД-19 пандемијата и последиците од неа се предизвик без преседан за ЕБОР и земјите каде Банката има активности.

– Со цел ЕБОР да биде солидарна со акционерите, земјите каде што работи, партнерите и клиентите, таа воспостави рамка за флексибилно дејствување во износ од една милијарда, наменета за нови и дополнителни финансирања на постоечките клиенти, која се состои од итни мерки за ликвидност, работен капитал и финансирање на трговијата. Ова е првиот чекор. ЕБОР е подготвена да одговори на потребите, и да презема активни и итни чекори за ревидирање, приспособување и проширување на финансиските инструменти, во партнерство со земјите каде има активности, со партнерските меѓународни финансиски организации и меѓународната заедница, изјави Чакрабарти.

Планираните мерки ќе опфатат проширување на финансирањето на трговијата и обезбедување  краткорочно финансирање до две години, преку финансиските институции, особено во поддршка на малите и средни претпријатија.

Банката ќе бара начин да обезбеди краткорочен работен капитал до две години, кон останатите корпоративни ентитети и енергетските компании, во реструктуирање на билансите на успех и состојба, како и краткорочна поддршка на ликвидноста за општинските, енергетските и инфраструктурните клиенти.

Ќе ја процениме потребата за реструктуирање на постоечките кредити, вклучувајќи ја и можноста за продолжување на рокот на доспевање на отплата на кредитите и менување на другите услови, и да ја користиме можноста да правиме исплата во локална валута, вклучувајќи ја и потенцијалната конверзија на постоечките капацитети во локалната валута.

Оваа мерка според ЕБОР, ќе овозможи обезбедување дополнителна поддршка и брз одговор на потребите на компаниите погодени од ефектите на коронавирусот и глобалната економска бура која се одвива.

Во концепирање на одговорот за справување со оваа состојба, ЕБОР детално ги следи изјавите на главните акционери на Банката и координира со останатите мултилатерални развојни банки во размена на идеи и знаења од претходните искуства.

Овој пакет итни мерки на ЕБОР, како што наведуваат,  доаѓа како продолжување на одредбите за силна поддршка, наменета главно кон земјите на активности на ЕБОР, но и по рекордното ниво на инвестиции во износ од 10.1 милијарди евра во 2019 година.

Економистите на ЕБОР очекуваат влијанијата врз економијата да се почуствуваат во целиот регион каде Банката има резидентни канцеларии, со поголемо влијание врз Централна Азија, Источна Европа, Кавказ, Русија и Југоисточна Европа.

Земјите кои се високо интегрирани во глобалните ланци на снабдување, и имаат директна зависност од Кина и Европа, најверојатно најмногу ќе бидат погодени од последиците од пандемијата. Туристичката индустрија, исто така ќе биде под силно влијание од состојбите во голем број земји каде ЕБОР има активности.

Неодамнешниот пад на цените на нафтата ќе има влијание врз производството на нафтените деривати во регионите каде што ЕБОР има резидентни канцеларии. Исто така, се очекува да се забави протокот на сезонските работници кон домицилните земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.