Само осум месеци откако беше продаден на американската медиумска куќа „Meredith Corporation“, магазинот Тime повторно го менува сопственикот, а овојпат ги купува милијардерот Марк Расел Бениоф.
Соосновачот на Salesforce.com, Марк Бениаф и неговата сопруга лично го купуваат Time за 190 милиони американски долари. Во соопштението на „Meredith Corporation“ се наведува дека семејството Бениоф „нема да бидат вклучени во секојдневното работење или новинарските одлуки“. Договорот би можел да биде завршен за еден месец, но прво мора да добие одобрение од регулаторите.
Марк Бениоф, претседател, извршен директор и соосновач на компанијата Salesforce.com за работење во „клауд“, изјави дека тој и неговата сопруга длабоко ја почитуваат организацијата и овој познат медиумски бренд.
„Моќта на Time отсекогаш беше во неговото оригинално пишување за луѓето и проблемите кои на сите нас влијаат и нé поврзуваат“, напиша на Twitter.
Бениоф го преземаат Time во време кога иднината на печатените медиуми е наизвесна. Продажбата на магазинот е опадната, а се бори и со пад на прихпдите од огласувањето.
Компанијата „Meredith Corporation“ дури во јануари годинава го заокружи купувањето на матичната компанија „Time Inc“, и набрзо потоа продаде некои од нивните најпознати магазински наслови.
Според списанието Forbes, Бениоф има имот вреден 6,7 милијарди долари, а не е единствниот претприемач од технолошкиот сектор кој се реши за купување традиционална печатена публикација.
Извршниот директор на Amazon, Џеф Безос во 2013 година го купи The Washington Post, а минатата година Лорен Пауел Џобс, вдовицата на Стив Џобс, го купи мнозинскиот удел во списанието The Atlantic.