5.8 C
Skopje
вторник, декември 10, 2024

Милиони ќе останат со трајни последици од Ковид-19, покажала една студија

Излечените од Ковид имаат симптоми и седум недели отпосле, еве што им се случува.

Повеќе од две третини од излечените пациенти кои биле хоспитализирани поради инфекцијата, имаат долготрајни симптоми и седум недели подоцна, покажува новото истражување.

Извештаите за таканаречениот „долготраен ковид“ зачестија низ целиот свет и сугерираат дека, дури и вакцините да го забават ширењето на пандемијата, милиони можеби ќе живеат со трајни последици од овој вирус, пренесува „Телеграф“.

Истражувачите од Универзитет во Лондон откриле дека 69 проценти од луѓето излекувани од коронавирусот кои биле хоспитализирани за време на болеста, се чувствуваат уморно дури и 54 дена откако биле излекувани.

Многумина пријавиле дека и понатаму тешко дишат и продолжуваат да кашлаат. Ова е доказ, велат авторите на студијата, дека „долготрајниот ковид“ е реален феномен кој може да ги оптовари луѓето и здравствениот систем со месеци.

На светско ниво, речиси 52,4 милиони луѓе имале или во моментов имаат коронавирус. Генерално, стапката на преживување е висока, но сè повеќе луѓе тврдат дека се чувствуваат лошо откако се излечиле од вирусот, пишува „Дејли меил“.

Во новата студија, истражувачите следеле 384 пациенти кои биле отпуштени од болница по третманот од овој вирус.

Во просек, пациентите биле во болница шест дена, но 14 % морале да бидат префрлени на одделот за интензивна нега. На повеќето пациенти им е направен рентген на градите по приемот во болницата. Повеќе од половина од испитаниците (56 проценти) имале рендгенски снимки „типични“ за пациенти со ковид 19, односно била присутна пневмонија. Дури 30 проценти од нив покажале знаци на сериозна инфекција.

До отпуштањето, 62 проценти од пациентите имале нормална рендгенска снимка, а 27 проценти покажале значително подобрување. Сепак, девет проценти од пациентите имале полоши резултати дури и неколку недели по отпуштањето од болницата.

Вкупно 69 проценти од пациентите чувствувале умор и два месеци по болеста, 34 проценти продолжиле да кашлаат, а 15 проценти од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат депресивно.

„Пациентите кај кои болеста била доволно сериозна за да биде потребна болничка нега, честопати трпат значителни симптоми дури и по отпуштањето од болница“, рече д-р Свапна Мандал, професор на Универзитетскиот лондонски колеџ (UCL) и главен автор на студијата.