Милиони повикани на евакуација на Флорида поради налет на ураган

Ураганот Ијан ѝ се приближува во средата на американската сојузна држава Флорида, а жителите на брегот на Мексиканскиот залив го испразнија полиците на продавниците со основни продукти, ги заковаа прозорците со штици и се евакуираат во засолништа.

Ураганот Ијан зајакнал во исклучително опасен ураган од 4-та категорија, соопшти во средата американскиот Национален центaр за урагани (NHC). Но подоцна беше објавено дека се очекува дека малку ќе ослабе кога ќе стаса на копното. Од NHC наведоа дека Ијан се движи на околу 130 километри југозападно од Понта Горде на Флорида со налети на ветерот од 250 километри на час.

Во вторникот ураганот мина преку Куба и целата карипска островска држава остана без снабдување со електрична енергија, а се очекува дека ќе го погоди брегот на Флорида во средата вечерта јужно од Тампа Беј.

Властите повикаа повеќе од 2,5 милиони жители на Флорида да се евакуираат на повисоките подрачја во регионот. Крајбрежната област на Флорида, кое е под најголем ризик, е со големи песочни плажи, низа хотели во одморалиштата и многу паркови за мобилни домови омилени меѓу пензионерите и туристите.

Од NHC издадоа предупредување за големи бранови за поголем дел од брегот на западна Флорида.

Кевин Гатри, шеф на одделот за управување со кризи на Флорида, во вторникот вечерта по локално време на брифинг со новинарите ги повика жителите дека „сега е време за евакуација … тргнете на пат“.

Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, истовремено предупреди дека евакуацијата ќе биде отежната за оние кои долго чекале да се евакуираат, бидејќи сѐ посилните ветрови наскоро ќе ги принудат властите да ги затворат мостовите на автопатиштата.

„Мора да дојдете до повисоките места, морате да дојдете до безбедните структури“, изјави Десантис и додаде дека милиони луѓе ќе останат без струја кога ќе дојде невремето.

Доколку ураганот Ијан го погоди подрачјето на Тампа Беј, тоа ќе биде првиот ураган кој ќе мине преку копното по бурата Тарпон Спрингс во 1921 година.

Речиси 60 училишта на Флорида ја откажаа наставата поради ураганот, рече Десантис. Додаде дека повеќе од 175 евакуациски центри се отворени ширум државата, а многу училишта се пренаменети во засолништа.

Комерцијалните воздухопловни компании известија за повеќе од 2.000 откажани летови во САД поради невремето, а меѓународните аеродроми Сент Петерсбург-Клирвотер и Тампа се затворени од вторникот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.