Спорт

необичен рекорд во англиската премиер лига Милнер никогаш не загубил меч кога постигнал гол

Милнер никогаш не загубил меч кога постигнал гол

Во првенствената победа на Ливерпул над Кристал Палас од 2:0, играчот од средниот ред на „Редси“, Џејмс Милнер го продолжи својот необичен рекорд кој трае веќе 16 години.

Милнер во споменатата победа на Ливерпул го постигна првиот погодок, а интересно е што секогаш кога тој бил стрелец неговата екипа не го загубила натпреварот.

Оваа низа започна во декември 2002 година, додека Милнер настапуваше за Лидс Јунајтед и трае веќе 16 години. Милнер во тој период има постигнато 49 голови на 48 натпревари и ниту еднаш не загубил. Неговите екипи забележале 38 победи и 10 нерешени резултати.

Поранешниот англиски репрезентативец во овој период настапуваше за Лидс Јунајтед, Њукасл Јунајтед, Астон Вила, Манчестер Сити и Ливерпул.

Во најелитното англиско лигашко натпреварување Милнер вкупно одиграл 487 натпревари. Првиот гол го постигнал во декември 2002 година во победата на Лидс Јунајтед против Сандерленд од 2:1, кога имал само 16 години и 356 денови. Тој е вториот најмлад стрелец во историјата на Премиер лигата. Рекордот сé уште го држи напаѓачот на Евертон, Џејмс Вон, кој во 2005 година постигна погодок со 16 години и 270 денови.

„Се чувствувам многу добро. Знам дека нема да го играм секој натпревар, но максимално ќе се трудам. Телото засега ме слуша“, изјави 32-годишниот Милнер за аглиските медиуми.