Докмановиќ и додели стипендија на ќерката на Димитров, а тој го предложи за амбасадор во Тел Авив

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на својот фејсбук статус пишува дека министерот за надоврешни работи Никола Димитров има судир на инетерси со предлагањето на Мишо Докмановиќ за амбасадор во Тел Авив, Израел. Пратеникот се означил дека е во Антикорупцсиката комисија.

Во статусот Милошоски објаснува дека на вчерашната владина седница Димитров, како законски овластен, го предложил Мишо Докмановиќ, професор на Правниот факултет, за амбасадор во Тел Авив. Но, според него, основан е сомнежот дека ваквиот предлог на Димитров претставува незаконит судир на интереси. Затоа што Докмановиќ на 4 август 2017 година, со решение на министерката за образование Рената Дескоска, бил дел од составот на Комисијата за доделување на стипендии за додипломски студии во странство.

„Невообичаено за администрација, комисијата се состанала веднаш, истиот ден кога е формирана и по итна постапка го разгледала и одлучила по барањето на ќерката на Димитров да ѝ биде доделена државна стипендија во висина од 40.000 евра за секоја година од студиите во Холандија, на Универзитетот во Утрехт.

Со одлуката за доделување на споменатата стипендија Комисијата овозможила член на семејството на министерот Димитров да оствари приватен интерес и материјална корист. Затоа постои основано сомнение дека остварувањето на ваквиот значителен приватен интерес за семејството на Никола Димитров влијаело врз (не)пристрасното вршење на неговите министерски овластувања кога тој одлучил на владата да и’ го предложи токму професорот Докмановиќ, а не некој друг, за амбасадор во Тел Авив.

Голема е веројатноста дека министерот Димитров како избран функционер му возвратил со давање на предност лично на професорот Докмановиќ и му овозможил повластица преку неговото предлагање за амбасадор во Тел Авив“, истакнува Милошоски.

Затоа за овој случај, препорачува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Антикорупциската комисија треба по службена должност да покрене постапка за утврдување на судирот на интереси на релација Димитров-Докмановиќ и нивната взаемно остварена корист.

„До завршувањето на таа постапка препорачливо е претседателот Пендаровски да се воздржи од потпишување на указ за ополномоштување на професорот Докмановиќ за амбасадор во Тел Авив“, нагласува Милошоски.