Милошоски до Ковачевски: Дали откако станавте премиер некој ве информираше за случајот Онишченко за кој лесно се доаѓа до информација и на Гугл?

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања постави две прашања до премиерот Димитар Ковачевски и министерот за образование, Јетон Шаќири.

Премиерот Ковачевски го праша дали откако станал прв човек на Владата некој го информирал за случајот Онишченко.

„Прашањето е за рускиот разузнавач, украински тајкун баран со потерница за перење пари и ставен на црната листа на САД заради прекршување на изборен закон.  Дали за еден ваков руски разузнавач кој поднел барање за македонско државјанство во февруари 2021 година кога вие не сте биле премиер, сте станале премиер јануари 2022 година, а државјанството му е доделено крајот на мај 2022 година, дали во овие пет месеци откако бевте премиер вашиот директор на АНБ, вашиот советник за национална безбедност, министерот за внатрешни работи или некој друг поврзан со оваа област, вас лично ве информирал дека вакво лице за кое едно мало барање на Гугл покажува дека е руски разузнавач, официјални податоци има дека е на црната листа на САД, исто така дека и Украина го бара со потерница, дали некој ве информирал за било што во врска со овој случај“, праша Милошоски.

Пратеникот постави прашање и до министерот за образование, Јетон Шаќири.

„Според законите за високо образование дали декан на некој факултет без разлика дали е државен или приватен смее според закон да биде член на партиски извршен, надзорен, централен или било кој друг орган, односно дали смее да биде во партиски раководен орган на партија според Законот за високо образование. Вие сте имале искуство и на приватен универзитет, дали може деканот на факултет во Струга или деканот на факултет во Тетово, Скопје или Штип да биде и дел од раководен партиски орган“, праша Милошоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.