Милошоски и’ ги достави „бомбите“ на Русковска, како доказ во „Рекет“

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, утрово и’ го предал  аудио-записот и транскрипт од материјалот што го добил од „свиркач“,  на обвинителката Вилма Русковска.

Станува збор за доказ дека експремиерот Зоран Заев знаел за начините на кои се финансирала 1ТВ чиј неформален сопственик беше Бојан Јовановски-Боки 13, првообвинет за случајот „Рекет“.

– Обвинителката беше коректна, направи записник по предадениот материјал и рече дека истиот ќе го вклучи во истрагата за „Меѓународниот сојуз“. Овие записи што јас ги предадов во Обвинителството покажуваат дека Зоран Заев знаел за финансирањето на оваа невладина организација и на 1ТВ. Јас како правник порачувам дека најдобро би било Обвинителството да го повика Заев да даде исказ во однос на сомничењата. Ова е засега сè што имам, а доколку во иднина добијам и материјал, тогаш повторно би постапил исто како што постапив сега. И за да нема прејудицирања, би било добро Зоран Заев да дојде да се изјасни дали знаел или не знаел како се финансираат и Меѓународниот сојуз и 1ТВ” – изјави Милошоски.

Истата снимка пратеникот ја објави на Комисијата за европски прашања. Според неа,  З.З води разговор со друго лице чиј идентитет е непознат, а зборуваат за осомничениот за „Рекет“, Бојан Јовановски. Според транскриптот, З.З вели дека Јовановски за 1ТВ добива пари од бизнисменот Силјан Мицевски, како донација преку проектот за старечките домови на Меѓународниот сојуз.

По средбата, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се огласија со соопштение.

„На средбата Милошоски достави аудио-материјал за кој по преслушувањето и анализа на истиот ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошно користење на материјалот“, стои во соопштението.