Милошоски инсистира Собранието да усвои декларација за потврдување на македонскиот идентитет

Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска предложи македонското Собрание, како контра-одговор на бугарското Народно собрание да усвои една заедничка декларација во којашто идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот јазик и сите други културни и национални обележја би биле заеднички потврдени и со самото тоа, како што вели, афирмирани како дел од европските вредности на културните и националните идентитети на овој континент.

„Европа и нејзиното мото ‘обединети во различностите’ би требало да важи и за Македонија и сметаме дека за тие прашања не би требало да има преговори, напротив тие прашања треба да бидат поддржани  од сите политички партии во Република Македонија дека не треба да се преговара, напротив треба да бидат афирмативни. Мислам дека Собранието би било добро како контра одговор на Бугарското национално собрание да усвои една заедничка декларација во која што идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот јазик и сите други културни и национални обележја би биле заеднички потвредени и со самото тоа афирмирани како дел од европските вредности на културните и националните идентитети на  овој континент“, рече Милошоски.

Запрашан за тоа дали неговата партија ќе поддржи отворени листи за локалните избори, Милошоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери се подготвени да дикскутираат за секоја тема, вклучително и за подобрување на Изборниот законик за локални и парламентарни избори.

Според нивните сознанија, како што истакна, во моментот во владината коалиција не постои усогласеност по однос на изборните измени и изборниот модел за локални и парламентарни избори.

„Ние како опозиција не чувствувaме дека треба да бидеме супститут за несогласувањето во владината коалиција и затоа упативме прашања до министерот за правда и до Владата дали неговите изнесени ставови на прес-конференција за отворени листи за поразличен модел за локалните и парламентарни избори се заеднички и конечен став на владината коалиција“, рече Милошоски.

Претходно во четвртокот Милошоски изјави дека дека како претседател на Комисијата за надворешна политика ќе побара Собранието да расправа за бугарскиот меморандум кој се однесува на македонските европски интеграции. Но тој изрази сомневање дека власта најверојатно нема да го прифати барањето.

Според поранешниот македонски министер за надворешни работи, неприфатливо е службениот јазик на една земја да биде предмет на преговори за влез во Европската унија, а бугарските позиции ги смета  за неевропски.