Mилошоски: Интерпелацијата за Николовски и Маручиќ следува по историски најлошите рангирања на Македонија

Денес при изјавата за медиуми на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Антонијо Милошоски беше прашан за интерпелацијата на Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ која беше поднесена од пратеничката група.

„Интерпелацијата на министерот за борба против корупцијата и министерот за правда ги најавивме откако ги дознавме најлошите историски резултати на рангирањето на Македонија на 111-то место на листата за корупција во светски размери во друштво со Панама, Уганда, Занзибар и други земји. Сметаме дека оваа листа на „Транспаренси Интернешнл“ треба многу да не загрижува бидејќи ја влошува економијата. Интерпелацијата е изработена врз основа на податоци од последните две години и цениме дека власта која што има и свои градоначалници и влада и претседател на држава ја носи одговорноста“, истакна Милошоски.

Милошоски додаде дека очекува дека во текот на месец февруари претседателот на Собранието да ја стави интерпелацијата на дневен ред.

„Очекувањата се дека оние луѓе на кои што им е поважна економијата и системот за борба против корупција тие пратеници би ја поддржале интерпелацијата, тие на кои што политичката партија и коалицијата на власт им е поважна веројатно нема да можеме да ги убедиме со аргументи, но јавноста добро е да слушне и да види“, рече Милошоски.

Второто прашање поставено од страна на медиумите се однесуваше за автопатот Кичево – Охрид – Струга и кои се негови очекувања околу самата изградба на овој ист автопат.

„Мислам дека автопатот Кичево – Охрид – Струга е најголемиот доказ за неспособноста на власта, од готов проект, од готови финансии, власта не успеа да го доврши овој автопат, а со тоа дополнително не само што ги доведува во ризик луѓето кои го користат овој патен правец, туку и дополнително ја влошува економската состојба. Бидејќи со неработењето на многу фирми од Кичево, Охрид, Струга и од општина Дебарца се прави економска штета“, појасни Милошоски.