Милошоски: Македонија прави преседан, нема прва и втора фаза, има започнување и незапочнување на преговори

Пратеникот Антонио Милошоски во своето обраќање во Собранието а по однос на францускиот предлог, рече дека во моментов нема никакви гаранции дека и покрај направените концесии, државата Македонија ќе стане членка на Европската унија. Помеѓу државите членки во ЕУ нема реален консензус за зачленување на шесте држави од Западниот Балкан и нивно полноправно членство.

– Недозволиво е внесување на механизам за следење или спроведување на преговорите поврзани со протоколот, со заедничката историја, преговарачката рамка или заедничките извештаи. Во ваков случај, тој механизам би станал услов за текот на преговорите и процесот во диктат од едната страна, за нејзини важни политички или историски прашања и би го засенил процесот на европеизација и стандарди за кои вие тврдите дека се залагате. Вашето фотографирање во Брисел, ќе биде слично на фотографирањето што го имавте со вашиот колега Никола Димитров, Зоран Заев и Кочо Анѓушев. Тоа фотографирање дека сме добиле датум испадна една илузија и исто така ќе биде илузија дека се отвораат преговорите. Понатаму, Македонија, македонскиот јазик не смеат да се дозволат никакви измени на предложениот текст на преговарачката рамка во која стои македонскиот јазик, ниту дополнителни појаснувани изјави. Зошто ова го говорам? Македонија е веќе членка во ОН, таму никој нема ставено дополнителна изјава. Македонија веќе е членка во Советот на Европа одамна, таму никој нема дадено дополнителна изјава зошто Македонија би прифатила да има дополнителна изјава во однос на Европската унија. Затоа сметам, дека ова е една замка која ќе биде чекор напред кон продолжување на остварувањето на она што е зацртано во бугарската декларација за која што ве предупредивме ние во 2020 година, но вие тврдевте дека не постои, а потоа тврдевте дека е незначаен дел од нивниот записник во Европската унија, рече Милошоски.

На крајот од своето обраќање, Милошоски рече дека Македонија прави преседан. Рече дека во воведната изјава на ЕУ за преговорите за пристапување, јасно стои започнување на првата фаза од преговорите за пристапување и ниедна друга држава, ниту Албанија, ниту Србија, ниту Бугарија, ниту Хрватска итн, немале прва и втора фаза. Има почеток или непочеток на преговорите.