Милошоски: Поважен му е партиско-политичкиот попис на Заев, отколку здравјето на граѓаните кои секој ден молат за вакцини

Во вечерашното издание на дебатната емисија на ТВ Стар Штип гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски кој зборуваше за моменталната политичка ситуација, нефункционалното Собрание, како и на следните чекори кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги превземе во однос на политичката ситуација во Република Македонија.

Милошоски потенцираше дека Зоран Заев наместо да има емпатија кон сопствениот народ и да размисли малку повеќе дали е потребен попис во овој момент, тој упорно го турка пописот, иако истиот најверојатно ќе придонесе за зголемување на и онака огромните бројки на заболени и починати сограѓани. Тој додаде дека граѓаните не се чувствуваат безбедни и не посакуваат попис, иако власта им се заканува со казни и кривична одговорност.

Јасно е дека попис во Република Македонија е потребен и несомнено тој ќе треба да се случи, но во овој момент пописот претставува лудост на власта. Македонија се соочува со страшна здравствена криза која секојдневно одзема животи и тоа во овој момент е поважно од се, а не попис кој согласно договорите на Заев и некои лидери ќе биде фингиран, вели Милошоски.

 “Венко Филипче една година докажува дека не е способен да раководи и да ја менаџира кризата во Македонија. Здравството е урнисано, здравствените работници се преморени од работа, а истовремено работат без потребните заштитни опреми, како и апарати потребни за лечење на пациентите. Изминатите дваесетина дена сведочиме на енормно зголемување на бројот на заболени и за жал починати, денес починаа две девојки на 23 и 24 години. Тоа е премногу тажно и жално и јас како родител сочувствувам со нивните семејства за овие загуби. Ние како политичари, пред се треба да сме свесни за последиците од пописот. Јас како родител и возрасен човек, нема да примам никој попишувач, доколку истиот не ми покаже белешка дека е вакциниран”, истакна Милошоски.

Здравствените работници, комисијата за заразни болести и сите инволвирани во здравствениот систем треба да пратат апел кон властите и да им укажат дека пописот навистина ќе влијае врз здравјето на граѓаните. Мора да покажеме зрелост и да бидеме емпатични и грижливи кон своите граѓани, бидејќи бројките на починати досега се навистина поразителни, додаде Милошоски.

На крајот на краиштата, пописот кој власта сака да го спроведе не е ниту малку статистичка операција, туку партиско политичка операција која што Зоран Заев ја турка со задни намери. Ако на Зоран Заев му е поважно да спроведе попис, независно од тоа дали ќе се соочиме со нови жртви, тогаш нека ги казнува граѓаните и нека ги става на ризик нив и нивното здравје. Но, за таквото однесување Заев ќе мора да сноси ригорозни последици, заврши Милошоски.