Се надевам дека Османи ќе биде присутен, затоа што тоа не е лична желба на еден министер, туку е законска обврска. Во нормалните демократии не мора со протести и притисок од јавноста да издејствувате министер да се појави во Парламентот, туку доволно е самиот министер или Владата да имаат чувство на одговорност дека пратениците се избрани од граѓаните токму за да ја контролираат и да ја прашуваат власта како работи, рече Антонио Милошоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– За вакви крупни прашања како што се евроинтеграциите, блокадите од страна на Бугарија, и злоупотребата на договорот за пријателство сметам дека Владата требаше уште многу порано да отвори дискусија во Собранието за да македонското Собрание да изгради една заедничка позиција. Она што го има Бугарија, заедничка позиција за националните и европските прашања, а за жал го нема Македонија, заради неспособноста на власта да изгради консензус – рече Милошоски.
Милошоски додаде дека токму тоа што Македонија нема заедничка позиција за национални и европски прашања е најголемиот хендикеп.
– Владата имаше свој заклучок усвоен во јануари оваа година дека е спремна пред пратениците да го претстави предлог акцискиот план кој што го преговараат со Бугарија. Доколку министерот Османи ги почитува заклучоците на Владата каде што е член, би требало пред пратениците да го изложи тој предлог акциски план, патоказ, анекс, што и да е, да се знае за што преговараат Заев и Бучковски со официјална Софија. Доколку не го направи тоа неговото излагање ќе се сведе на одредени би рекол дипломатски флоскули, колку тие многу работат и се залагаат, но ете некои лоши момци од ЕУ не им дозволуваат да го добијат тоа што е заслужено. Иако сметам дека главните одговори коишто Владата ги должи и министерот за надворешни работи е каде се загуби датумот за преговори со ЕУ за којшто се организираа музички прослави и за кој што имавме една легендарна фотографија на Заев, Димитров и Бујар Османи уште во 2018 година – рече Милошоски.