Милошоски: Неспособноста на власта да набави вакцини е голема бламажа која граѓаните ја плаќаат со животи, Филипче треба да си поднесе оставка

Неспособноста на Владата да набави макар една единствена вакцина, неспособноста и донираните вакцини да ги преземе е еднакво на една голема бламажа во којашто премиерот Зоран Заев служи за регионален потсмев, но, за жал, тоа потсмевање се однесува на целата држава, изјави во четвртокот вечерта пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски за „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ.

Милошоски истакна дека за да биде ситуацијата трагична треба да се знае дека ваквата неподготвеноста на Владата, луѓето ја плаќаат со животи или здравствени проблеми.

„(Министерот за здравство Венко) Филипче во Софија се сликаше со министерот за здравство и кажа дека од секоја пратка на вакцини во Бугарија, Македонија ќе добие еден дел. Досега од Софија имаме примено нула вакцини. Филипче кажа дека ќе добиваме и од Грција и од Полска и Австрија, и од овие земји имаме нула вакцини. Заев даде изјава дека уплатиле аванс за да добиеме 830.000 вакцини, прашањето е кому уплатиле, колку изнесува и зошто имаме нула вакцини? Дали лажел Филипче, дали лажел Заев?, прашува Милошоски.

Потсети и дека шефот на државата Стево Пендаровски неодмана изјави дека земјата е мал пазар и затоа не ѝ даваат вакцини, и притоа Милошоски додаде дека мали пазари се и Малта, Исланд кој и не е членка на ЕУ. А најбизарно е, како што рече пратеникот, навредлива е изјавата на министерката за одбрана за Радмила Шекеринска која изјави дека можеле да набават вакцини, но не сакале да се направи брзо за да не испаднело дека прават експерименти со народот.

„Тоа значи дека во меѓувреме кога можеле да набават вакцини, во Македонија починале 5, 10 или 120 луѓе, ако сме набавеле вакцини во декември, можеби ќе сме спаселе животи. Македонија освен што стана предмет на бламажа за неуспешност за добивање на вакцини, оваа неспособност ја плаќа со големи човечки животи и економски крах. Според број на смртност Македонија е седмо место во Европа на милион жители. Во најмала рака доколку има грижа на совест, министерот Филипче треба да си поднесе оставка“, истакна Милошоски