Милошоски: Никој не барал од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да си ја продаде честа за три сребреници

„Од сите кандидати за пратеници на ВМРО пред секои избори било барано да прифатат два принципи. Првиот, да ја почитуваат изборната програма на ВМРО врз основа на која гласачите им ја дале довербата и честа да бидат народни пратеници.

И второ, за македонските национални прашања да ја почитуваат вољата на народот на законски организиран референдум. Секој пратеник си знае за себе, но гласачите знаат уште подобро кој ја оправдал довербата на народот, а кој ја продал честа и вољата на гласачите за три сребреници“,  Напиша на Фејсбук пратеникот Антонио Милошоски.

Реакцијата на Милошоски доаѓа по изјавата на пратеничката Нола Исмајлоска-Старова во интервју за 360 Степенина, дека услов да се биде на пратеничка листа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2014 година било да се прифати да се гласа за промена на името.

-Во 2014та кога бевме побарани за кандидати ни беше поставено прашањето дали сме спремни да гласаме за промена на името. Тоа беше услов. Јас одговорив потврдно, рече Исмајлоска.