Милошоски од Зрновци: Победата во прв круг ќе биде голем елан и за останатите општини

Антонио Милошоски, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ на митингот во Зрновци рече дека сплотеноста во општината е многу важна и од оваа општина можат и другите да учат.

– Победата во прв круг ќе биде голем елан и за останатите општини. Нашиот иден градоначалник Борчо Коцев има одлична стартна основа за работата понатаму, а во многу скоро време премиер ќе биде Христијан Мицкоски, кажа Милошоски.

Според него овие избори имаат локално, но и политичко значење за цела Македонија.

– Дојде време оваа ненародна власт која покажа само неработење, потценување на граѓаните, време е да си оди. Човек може секогаш да згреши, и во овие изминати години видовме кој е способен и знае да работи, а пример за тоа беше општина Зрновци. Видовме и кој е неспособен и кој не работи, а тоа е Зоран Заев. Затоа овде ќе победи Коцев, рече Милошоски.

Тој повика на 17 октомври да се излезе и да се гласа масовно.

– Тие ќе се обидуваат да прават и притисоци и закани, ќе прават поткуп, ама тоа е со пари од граѓаните, инвеститорите. Затоа време е Заев да го испратиме во историјата, рече Милошоски.