Милошоски: Одговорноста за нерационално потрошените над 500.000 евра лежи и кај оние кои ја поставиле Димова

ВМРО-ДПМНЕ во петокот вечерта го изразува својот протест против незаконското трошење на пари на европските даночни обврзници кои што се наменети за образование и образовни проекти на македонските граѓани, кажа Антонијо Милошоски во изјава за медиумите на денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ.

„Директорката Лидија Димова, кадар на СДСМ потрошила речиси 500.000 евра за тренинг на магаре, за испробување на сирење и за проекти со нејзиниот пријател кој што има фризерница. Мислиме дека е многу неморално во вакво време на пандемија и би било многу посоодветно овие 500.000 евра да биле потрошени за помош на болницата во Струмица, на болницата во Битола и на болницата во Тетово за обука на персонал и за поддршка на овие болници во борба против пандемијата или во најмала рака овие 500.000 евра да биле потрошени за купување на 2.200 компјутери за деца кои што не можат да ја следат наставата во овие кризни услови. И затоа сметаме дека одговорноста не е само кај Лидија Димова, туку одговорноста е кај тие што ја поставиле, нејзиниот шеф Зоран Заев како и нејзината пријателка Радмила Шекеринска“, рече Милошоски.

По однос на изјавата дека сопартијците на Домова во Владата ќе ја повикаат да даде оставка или доколку не даде оставка дека ќе ја разрешат, Милошски оцена дека станува збор за „стари трикови“ на властите СДСМ кои ги применуваат кога сакаат да прикријат корупција и незаконско трошење средства го прави овој повик за оставки.

Како најдобар пример за тоа Милошоски го посочи примерот со поранешниот пратеник на парламентарното мнозинство врз кого откако беа емитувани снимки на кои наводно нарачува дрога, бил направен притисок во јавноста да даде оставка.

„СДСМ тврдеше дека тој ќе одговара пред обвинителството никогаш никој не поведе постапка“, рече пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски своето тврдење го поткрепи и со случајот на поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, за кого беше емитувана видео снимка како зема пари во готовина и какви односи имал со фирмата „Диамед“, кој исто така поднесе оставка, но потоа за неговиот случај немаше никаква рекција од Обвинителството.

„Затоа сметаме дека повикувањето на оставки е само трик доколку би била искрена намера, СДСМ ќе треба да ги повика да дадат оставки и директорот на училиштето во Кавадарци кој што земал големи суми на средства околу 200.000 и неговиот брат-пратеник кој што е актуелен пратеник и висок функционер во СДСМ заради конфликт на интереси“, рече Милошоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.