Милошоски: Пописот е коалиционен проект на СДСМ и ДУИ каде што процентите се однапред договорени

Пратеникот Антонијо Милошоски и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ околу пописот, пандемијата и власта вечерва за Радио Лидер изјави дека тука постои непринципиелност. Имено, кога пандемијата оди во прилог на власта, да покажува мускули против голораки граѓани како што тоа се случи во Вевчани тоа го користат како изговор. Пандемија како изговор да се растури еден карневал, чија што критика не и одговара на власта. Од друга страна пак, вели Милошоски пандемијата е сериозна причина кои што владите во Романија, Германија, владата во Република Ирска, владата во Србија и во САД ги доведе до ситуација да ги одложат закажаните пописи за 2021-ва година и истите да ги поместат за 2022 година.

-ВМРО-ДПМНЕ цело време укажува на тоа дека пандемијата е сеуште присутна, особени кога се има непосреден контакт, бидејќи пописот значи влегување во секое домаќинство. И тоа е реален ризик и загрозување на здравјето на луѓето , особено на поризичните категории. Но, власта одбива да го одложи пописот со што создаваат сомнеж дека пописот не го третираат како статистичка операција, туку за меѓупартиски, политички договор помеѓу СДСМ и ДУИ, истакна Милошоски.

Тој во вечерашното издание на “Филибастер” посочи дека постоело еден коректен предлог од страна на ВМРО-ДПМНЕ пописот да биде одложен за 2022 година, а пратеникот Халил Снопче од Коалицијата на Алијанската на Албанците и Алтернатива предложи пописот да биде одложен за два месеци. Неговата логика беше рационална бидејќи според него власта најавува дека во февруари или март би почнало вакцинирање против Ковид-19, тогаш наместо пописот да биде во април нека биде во јуни.

-Но, и тој амандамн беше одбиен за жал. И гледаме дека пописната операција е политичка операција. Другата сериозна забелешка на ВМРО-ДПМНЕ е стандардот на вршење попис. Денеска баш го прочитав демантот на Владата дека нема да се откаже од пописот и таа вели во својот демант дека нема да се дозволи да не биде попишано ниту едно лице кое што не постои. Но, ова е еден спин бидејќи ние не говориме за лица кои постојат, пописот според ЕУ стандарди и Обединетите Нации се попишуваат лица кои што живеат во земјата во која што се попишуваат. Јас сум живеел во Германија и во годината кога бев таму се случуваше попис на население и ние кои што бевме резиденти во Германија подолго од една година бевме предмет на попис. Но, доколку истата година се одржувал попис во Македонија, според стандардите на Еуростат, не сум смеел да бидам попишан како жител на Република Македонија. Доколку се попишуваат сите лица кои се жители на Канада, САД, чичковци стрини од Швајцарија, Австралија, Германија, Шведска и така натаму, тогаш тоа е попис на државјани, а не на жители на Република Македонија, рече Милошоски.

Според Милошоски, пописот што го спрема власта ќе биде политички обременет и со секој поминат ден и инсистирање на власта дека пописот мора да се спроведе на ваков начин, со попишување на луѓе кои не се жители Македонија се фрла голем сомнеж дека се работи за коалиционен проект на СДСМ и ДУИ каде што веројатно процентите се однапред договорени. Наместо реални, тие ќе бидат политички усогласени за взаемен интерес но, на штета на реалната слика.