Милошоски: Предлагаме формирање специјална државна комисија за борба против Ковид-19

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски денеска на прес-конференција информира дека во текот на вчерашниот ден во утринските часови имало средба помеѓу министерот за здравство и професорот Вело Марковски, на која била предложена идејата на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на специјална државна комисија за борба против пандемијата, но таа не била прифатена.

– Во однос на комисијата за справување со пандемија и епидемија предложивме таа комисија да брои 11 члена. По функција тука би биле министерот за здравство и директорот за Центарот за управување со кризи, а внатре би членувале специјалисти инфектолози 3 членови, епидемиолози 2 членови, микробиолози 2 членови имунолог еден член и специјалист интернист еден член. На наше разочарување оваа идеја и предлог не беа прифатени од министерот за здравство, рече Милошоски.

Како што рече тој, ВМРО-ДПМНЕ смета дека Комисија за заразни болести носи дел од одговорноста за многу ненавремени или за многу несоодветно преземање на мерки изминативе пет месеци.

– Затоа сметаме дека Македонија мора да реагира посериозно, мора некој за сегашната ситуација да понесе одговорност и мора постручни лица да ги заземат местата на оние членови на Комисијата кои одеа на концертот на Владо Георгиев во дискотеката „Мош“, изјави Милошоски.

Во однос на Предлогот на закон за заштита на населението од заразни болести, тој потенцира дека пратениците првпат имале можност да го добијат во текот на вчерашниот ден, додавајќи дека најмалку еден ден е потребен за да се прочита тој предлог закон.

– Од она што можеме да го видиме од дадениот предлог закон гледаме дека овој закон нема конкретни мерки за борба против пандемијата, во овој закон нема мерка за зајакнување на капацитетите на институциите кои што вршат КОВИД тестови, нема мерка за поевтино тестирање на ризичните групи на население како пензионери или хронично болни, ниту има мерка за пошироко тестирање по однос на бројка во позагрозените општини како што се Скопје, Прилеп, Струмица, Тетово и други градови, рече Милошоски.

Затоа, нагласи меѓу другото, сметаме дека овој закон е повеќе техничка измена и дополнување наместо да биде закон во кој што би имало суштински мерки за борба и справување против пандемијата.

На новинарско прашање кои се условите за да дадат поддршка во Собранието, Милошоски потенцира дека не услов, туку суштински прелог за овие измени е идејата да се формира специјална комисија за борба против пандемијата.

– Но, иако не е прифатен овој предлог, ние како опозиција ја повикуваме власта уште денес да закаже собраниска седница и ќе овозможиме овој закон да помине со гласовите на собраниското мнозинство и со присуството на пратениците од опозицијата. Иако сметаме дека во законот има технички дополнувања кои даваат надлежности на инспекторати но недостигаат суштински мерки кои што се однесуваат на борбата против пандемијата, рече тој.

Прашан кои здравствени мерки ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски рече дека и како човек и како пред некое време пациент од оваа заразна болест, но и како пратеник се чувствува со многу поголема доверба и сигурност кога ги слушам изјавите на проф. др Никола Пановски.