Милошоски: Предлог-преговарачката рамка на ЕУ е со сериозни влошувања за Македонија

Антонио Милошоски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на неговиот фејсбук профил објави дел од предлог преговарачката рамка на Европската унија за Македонија која според него е со сериозни влошувања за Македонија.

Според Милошоски, во предлог-преговарачката рамка, освен Преспанскиот, стои и Договорот со Бугарија, заедно со записниците од заедничката историската комисија, кои ќе треба да се преточат во опипливи резултати.

Милошоски пишува дека на Македонија ѝ се отвора уште едно малцинско прашање, отворање на Уставот, со нов услов, од кој зависи првата меѓувладина конференција. Процесот на стабилизација и асоцијација- досега засебен, преку него ќе се вметнуваат нови барања и услови поврзани со Рамковната декларација на Бугарија од 2019- за сите овие точки. Милошоски вели дека тоа е составен дел од предлог-преговарачката рамка на ЕУ за Македонија.

1. Билатералниот Договор од Преспа, како и Договорот со Бугарија станува составен дел од преговарачката рамка со ЕУ, заедно со записниците на заедничката историска комисија кои ќе треба да се преточат во опипливи резултати.
2. На Македонија И се отвара уште едно малцинско прашање (читај повторно отварање на Уставот) кое ќе биде нов услов, од кој ќе зависи кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција.
3. Процесот на Стабилизација и асоцијација кој досега беше засебен, ќе стане составен дел од Преговарачката рамка со ЕУ и преку него ќе се вметнуваат нови барања и услови поврзани со Рамковната Декларација на Бугарија од 2019 година.

Ковачевски, иако тврди дека не бил во тек со преговорите, овој текст го имал на увид уште пред неколку недели, но со министрите Бујар Османи и Маричиќ не успеале да го заштитат основниот принцип за кој се залагаа многу пријатели членки на ЕУ, и кој и одговара на Македонија, а тоа е билатералните договори да не стануваат дел од рамката за преговори“, пишува Милошоски.