Милошоски: Собраниското мнозинство ја одби предлог-одлуката за формирање на Анкетна комисија во врска со модуларната болница

Денес со жалење сакаме да констатираме дека добивме неофицијална информација дека собраниското мнозинство ја одбива Предлог-одлуката за формирање на Анкетна комисија која што ја поднесовме за да се утврдат постапките и недостатоците при изградбата и примопредавањето за употреба на модуларната болница во Тетово, која што беше опожарена и како резултат на тоа имавме трагедија со 14 изгорени пациенти, ова денеска преку изјава во собранието го истакна пратеникот Антонијо Милошоски.

-Сметаме дека со ваквиот потег, парламентарното мнозинство не сака да се расчисти овој случај и не сака да добијат одговор прашањата кој ја носи политичката и кривичната одговорност за оваа трагедија која чинеше 14 човечки животи. Сметаме дека г-динот Зоран Заев се’уште тактизира за да го заштити министерот Филипче, а пратеничкото мнозинство СДСМ – ДУИ за да ги заштити и надлежните во Општина Тетово и во клиничката болница во Тетово. За жал заштитата на нивните партиски кадри, министерот Филипче, заменикот министер од ДУИ, директорот на болницата од ДУИ и другите надлежни во општината Тетово им е поважна на власта отколку дознавањето на вистината за одговорноста за оваа голема здравствена и човечка трагедија, вели Милошоски.

Тој додава дека се надеваме дека преку медиумите и преку овој апел ќе успееме и понатаму да поттикнеме да се истражува овој настан, да не се заборави, се додека нема морална, политичка и кривична одговорност.